Рускиот претседател Владимир Путин на 3 септември се сретна со неговиот монголски колега Унагин Хурелсух, за време на свечената церемонија за добредојде организирана на главниот плоштад во Улан Батор, главниот град на Монголија, според снимките објавени на официјалните руски медиуми.
Путин во понеделникот пристигна во соседна Монголија во официјална посета, прва на земја членка на Меѓународниот кривичен суд (МКС) откако судот издаде налог за негово апсење.
Пред речиси 18 месеци, МКС издаде налог за негово апсење под обвинение за воени злосторства во Украина. Монголија, како земја-членка е должна да го уапси, според Римскиот статут со кој е формиран судот.
Монголскиот лидер му приреди официјален пречек на Путин на импозантниот плоштад Џингис Кан во Улан Батор, во присуство на делегации од двете земји.
Киев луто реагираше на посетата на Путин. Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Георги Тихи ја обвини Монголија дека дозволила „обвинетиот криминалец да избега од правдата“ и со тоа да ја сподели одговорноста за неговите воени злосторства.
Видете и ова: Путин доби црвен тепих во Монголија и покрај повиците за апсењеЧленовите на Меѓународниот суд се обврзани да ги приведат осомничените доколку е издаден налог за апсење, но Судот нема механизам да ги принуди на тоа.
Монголија не ја осуди руската инвазија врз Украина и беше воздржана за време на гласањето за конфликтот во Обединетите нации.
Кремљ минатата недела даде гаранции дека нема загриженост за можното апсење на рускиот претседател.
Посетата на Путин се совпаѓа со 85-годишнината од победата на монголските и советските сили над Јапонија.
Путин и монголскиот лидер денеска ќе присуствуваат на прославата на победата на советските и монголските трупи над јапонската армија во 1939 година.
Пред посетата, Путин ги истакна ветувачките економски и индустриски проекти меѓу двете земји во интервју за монголскиот весник Унудур.
Меѓу тие проекти, тој ја спомна изградбата на трансмонголскиот гасовод што ги поврзува Кина и Русија.
Тој исто така рече дека е заинтересиран да работи на трилатерален самит на Кина, Русија и Монголија.
Видете и ова: Кремљ не е загрижен за посетата на Путин на МонголијаМонголската влада не го коментираше можното апсење на рускиот лидер.
Меѓутоа, преку социјалните мрежи, портпаролот на претседателот ги демантираше медиумските извештаи според кои МКС испратил писмо во кое бара од локалните власти да спроведат налог за апсење за време на посетата, пишува АФП.
Москва не го признава Меѓународниот кривичен суд и отсекогаш цврсто ги отфрлаше обвиненијата што тој суд ги покрена против рускиот претседател.
Монголија, која е ретко населена земја меѓу Русија и Кина, во голема мера зависи од Москва за гориво и електрична енергија и од Кина за инвестиции во нејзината рударска индустрија.
Иако Путин се соочи со меѓународна изолација поради неговата инвазија на Украина, тој ги посети Северна Кореја и Виетнам минатиот месец и двапати ја посети Кина во изминатата година.