Тошковски - Граѓаните да извадат нови возачки дозволи, старите важат до крајот на годината

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Издавањето на лични документи е вратено во нормала, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој апелираше до граѓаните кои имаат возачки дозволи со старото име на државата да извадат нови, бидејќи старите возачки дозволи ќе важат до крајот на 2024 година.

Тој додаде дека досега биле издадени 750 000 возачки дозволи со новото уставно име и дека се очекува набрзо да се стигне до милион возачки дозволи со новото име.

„Ги замолувам во наредниот период од неколку месеци сите оние кои имаат возачки дозволи со старото име да пристапат кон обновување на истата, затоа што согласно измените на законот, старите возачки дозволи ќе важат до крајот на оваа година“, рече Тошковски.

Министерот за полиција рече дека од оваа недела натаму секој граѓанин кој што ќе поднесе барање за нова патна исправа, возачка дозвола или лична карта, ќе може да ги оствари во рамки на законското право во рок од 15 дена.

Видете и ова: Тошковски: Се стабилизира состојбата со издавањето на лични документи

Во период од повеќе од една година граѓаните имаат проблем навремено да ги добијат личните документи со новото уставно име на земјата.

Тие со месеци чекаат лични карти и пасош, а во меѓувреме немаат важечки документ со кој би можеле да завршат било каква работа, не само во банка, туку и во други институции.

Од мај 2023 година имаше наплив на барања за закажувања на термини во Министерството за внатрешни работи (МВР), кои се добиваа месеци по закажувањето.

Ситуацијата настана бидејќи на 12 февруари 2024 година истече периодот од пет години според одредбата од Преспанскиот договор потпишан во 2018 година, со која престануваа да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба што го содржат старото име на државата.