Европската унија (ЕУ) уште еднаш ги предупреди косовските власти дека „неуспехот на страните да ги деескалираат тензиите ќе има последици“, а по затворањето на паралелните српски институции на северот на Косово со помош на косовската полиција.
Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано оцени дека ова е „бескорисен, уште еден некоординиран и едностран чекор кој има капацитет да ги зголеми тензиите и да доведе до натамошна ескалација на и онака нестабилната ситуација на теренот“.
„Нашиот став и нашето незадоволство од оваа серија некоординирани еднострани чекори им го пренесуваме на косовските власти во Приштина. А можам само да потсетам дека минатата година ги имавме заклучоците на Европскиот совет во кои земјите-членки беа многу јасни: Неуспехот на страните за деескалација на тензиите ќе има последици“, рече Стано на 2 септември.
Косовските власти затворија пет паралелни српски институции на северот на земјата - областа каде што живеат мнозинството Срби - за кои рекоа дека работат под раководство на Србија, „прекршувајќи ја уставноста и законите на Република Косово“.
Видете и ова: Косово ги отуѓува малцинските Срби, го затегнува статусот на „сигурен партнер“Затворени се институциите на косовската област Митровица, паралелната општина Митровица, паралелната општина Звечан, паралелната општина Зубин Поток и паралелната општина Лепосавиќ.
Акцијата на 30 август, која ја спроведоа косовските власти, меѓународната заедница ја опиша како еднострана и некоординирана, а Српска листа, главната партија на локалните Срби во Косово која ја има поддршката од Белград и од српските власти исто така реагираше.
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина ја критикуваше ваквата одлука и соопшти дека е „загрижена и разочарана“ од континуираните некоординирани акции на Владата на Косово, кои го одразуваат растечкото влошување на односите меѓу двете земји.
Портпаролот на ЕУ нагласи дека во оваа фаза целта на ЕУ е што поскоро да се одржи нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на ниво на главните преговарачи, но не прецизираше кога таа средба би можела да се одржи.
Новата средба на преговарачите од Србија и Косово ја најави европскиот пратеник за дијалог Мирослав Лајчак преку социјалните мрежи. Тој потврди дека деновиве ќе ја посети Приштина со цел да се подготви за нова средба на главните преговарачи.
Видете и ова: ЕУ: Затворањето на паралелните српски институции на Косово ја загрозува безбедностаВо исто време, на 2 септември, околу 300 Срби се собраа пред зградата што ја користи паралелната српска општина во Северна Митровица, со намера, како што рекоа, да се вратат на работа.
Луѓето кои протестираа во понеделникот се вработени во администрацијата на паралелна српска институција во оваа општина на северот на Косово. Покрај петте паралелни институции затворени минатиот петок, косовските власти во април затворија уште седум паралелни српски општини во другите делови на Косово.
Во Косово постојат општини, јавни претпријатија и претпријатија, детски градинки, основни и средни училишта и јавни универзитети кои се директно финансирани од Владата на Србија, а кои се наоѓаат во градовите и населбите каде што живеат Срби. Според законите на Косово, овие институции се нелегални.
Во 2013 година, во дијалогот за нормализација на односите во Брисел, Косово и Србија постигнаа договор за затворање на паралелните институции, но договорот се уште не е целосно имплементиран.