На 6 октомври Казахстан ќе одржи референдум за изградба на нуклеарна централа, најави на 2 септември претседателот на државата Касим Зомарт Токаев.
Тој тврди дека проектот е потребен за диверзификација на изворите на енергија во Казахстан, кој има богати резерви на нафта и природен гас. Оваа држава е и водечки светски производител на ураниум, кој се користи за гориво за нуклеарните централи.
Казахстанскиот министер за енергетика Алмасадам Саткалиев рече дека изградбата на нуклеарна централа во Казахстан е единствениот начин да се задоволи растечката домашна побарувачка за електрична енергија и да се исполнат целите за јаглеродна неутралност.
Казахстан добива околу 80 отсто од енергијата од термоелектраните на јаглен, а уште 15 отсто се произведени од хидроцентралите, додека остатокот доаѓа од обновливи извори на енергија.
Еден руски нуклеарен реактор работеше од 1972 до 1999 година, произведувајќи електрична енергија и десалинизирајќи вода. Точната локација за изградба на идната нуклеарна централа не е соопштена, иако се споменуваат две можни локации - Улкен кај езерото Балкас и Курчатов.
Видете и ова: Казахстан најавува десеткратен раст на данокот за копање криптовалутиНе е јасно кој ќе ја гради централата.
Казахстанското Министерство за енергетика во 2023 година соопшти дека рускиот „Росатом“ е еден од четворицата изведувачи чии реактори се разгледуваат за новата централа, а другите три се француската енергетска компанија ЕДФ, Кинеската национална нуклеарна корпорација и јужнокорејската фирма „Кореа Хидро и Нуклеар Пауер“.
Проектот наиде на големо противење. Во последниве недели, на неколку активисти познати по нивниот став против изградбата на нуклеарна централа им беше забранет пристапот до јавните дискусии на оваа тема.
Проектите поврзани со нуклеарната енергија се контроверзно прашање во Казахстан, каде што животната средина е сериозно погодена од операциите на полигонот за нуклеарно тестирање Семипалатинск од советската ера од 1949 до 1991 година и космодромот Бајконур, кој сè уште е управуван од Русија.