Утре, 2 септември, во Северна Македонија почнува новата учебна година за основците и средношколците. Во оваа 2024-2025, во основните и средните училишта ќе има околу 245 илјади ученици, бројка која во последните седум години се намалила за 17 илјади.
„Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500. Ова е погубно и разочарувачки и е резултат на лошите политики, не само во образованието, туку во сите општествени сегменти“, изјави на денешната прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска, најавувајќи промени во образовниот процес.
Министерството за образование и наука (МОН) за оваа учебна година ветува дека на првиот училиштен ден децата ќе имаат учебници или наставни материјали по сите предмети, освен за странски јазици бидејќи, според објаснувањето, тендерот пропаднал и во тек е жалбена постапка.
Видете и ова: Со какви предизвици почнува новата учебна година?Годинава учениците нема да имаат пролетен распуст кој за првпат беше воведен претходната учебна година. Оваа ќе го нема бидејќи, како што тврдат од МОН, мнозинството родители, ученици и наставници во анкета се изјасниле дека не им е потребен.
Со стартот на новата учебна година, наставниците очекуваат и бараат зголемување на платите односно усогласување со Законот за минимална плата кое треба да им донесе за околу 12 проценти повисоки примања од септември.
Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) очекува некаков договор со власта и засега нема одлука за протест или штрајк.
„Ние 12 проценти ги бараме согласно Закон за минимална плата и тука нема ништо спорно. Е сега до каде би оделе, апсолутно не знам до каде би оделе кога немаме понуда од другата страна, некаква алтернатива до каде би можеле да бидеме попустливи. Нема пари во буџетот. Еве сега со септемвриска плата би прифатиле некој процент, а останатите од јануари претпоставувам кога би имало таков предлог. Но, се уште таков предлог немаме, за да бидеме толерантни и отстапливи“, рече претседателот на СОНК во неделното интервју за РСЕ објавено денеска, 1 септември.
Видете и ова: Наставниците во неизвесност за зголемување на платите, но не штрајкуваатДенеска, прес-конференција одржа и министерката Весна Јаневска, повтори дека поради немање пари во буџетот, покачување би имало дури следната 2025 година.
„Годинава, поради огромната наследена дупка во буџетот на МОН во износ од 5 милијарди денари, немаме можност веднаш да реагираме. Со ребалансот месецов, обезбедивме средства за нормален тек на исплатата на постојните права за кои немаше пари, за исплата на стипендии, субвенциониран оброк, превоз, плати во образованието, освоени награди и така таму. Сосема е разбирливо дека наставниците се во право, тие си ги бараат и бранат своите права и целосно застанувам на нивна страна. Апелирам, да издржиме краток период и заедно да ја пребродиме кризата која е резултат на лошото и несовесно менаџирање на парите од претходното раководство и уверувам дека сè ќе биде подобро за неколку месеци“, рече Јаневска.
Во меѓувреме, опозицискиот СДСМ денеска организираше собир пред МОН со барање да се покачат платите на наставниците. Партискиот лидер Венко Филипче порача дека Владата има одговорност во септември да им ги зголеми платите. Тој смета дека одбивањето на власта за покачување на платите е понижување на наставниците.
Филипче смета и дека е изговор оправдувањето дека нема пари во буџетот, а по премиерот Христијан Мицкоски и министерката Весна Јаневска ги нарече „мајстори на илузија“.
„Имаше ребаланс, можеа да обезбедат средства. Но, наместо за тоа, обезбедуваат средства за други работи – нови министерства, нови вработени во тие министерства. Значи, изговор е дека нема пари. Ако се сака, може да се најдат пари, како што можеа да се најдат и во КОВИД и во енергетската криза. Ако имаше средства во времето на СДСМ, кога беа најголемите кризи, може и сега да има“, рече Филипче на денешниот собир пред МОН.
Видете и ова: СДСМ ќе организира собир на наставници за повисоки плати, СОНК се оградиМинистерката Јаневска, пак, ја обвини опозицијата дека манипулира со наставниците и се однесува безобразно бидејќи била власт до пред два месеци и не оставила пари во Буџетот за покачување на платите.
ВМРО-ДПМНЕ на крајот на јуни формираше влада со ЗНАМ и Вреди откако победи на парламентарните избори на 8 мај.
Од крајот на јануари до преземањето на власта, со Северна Македонија раководеше техничка влада на чело со Талат Џафери од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ претходно помина седум години во опозиција, период во кој Владата ја водеа коалиции на СДСМ и ДУИ.