Косовската претседателка Вјоса Османи во саботата за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека процедурите за проширување на суверенитетот на Косово се легитимни и во согласност со Уставот на земјата, но оти успехот и одржливоста на овие постапки зависат од соработката со сојузниците.
Таа ги даде овие изјави откако беше прашана за реакциите на Западот за затворањето на пет паралелни српски институции на северот на Косово – областа каде што живеат мнозинство Срби.
Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан го повика косовскиот премиер Албин Курти да престане со „некоординираните акции кои негативно влијаат на нашето партнерство“.
На акциите на северот на земјата реагираа и ЕУ и амбасадорите на Германија, Франција и Велика Британија.
Видете и ова: ЕУ: Затворањето на паралелните српски институции на Косово ја загрозува безбедноста„Ситуацијата на северот на Косово е многу предизвикувачка, бидејќи според Договорот од 2013 година, кој бара да се отстранат сите нелегални структури, тие во оваа деценија беа зајакнати од [српскиот претседател Александар] Вучиќ и се претворија во мафијашки групи кои ги загрозуваат безбедноста и суверенитетот, но и самите животи на граѓаните на север“, рече Османи во Прага, каде што учествува на безбедносниот форум Глобсек.
Таа повика да не се дозволи „која било мрачна сила, која било земја што има зли намери кон Косово и регионот, да создаде поделба меѓу нас и нашите сојузници“.
„Оваа поделба, долгорочно, многу го чини Косово. Косово има можност да биде успешно во проширувањето на својот суверенитет, заедно со своите сојузници. Потребна е поголема комуникација, консултации, поголема координација“, рече таа.
На прашањето дали високи американски функционери, вклучително и шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), на состаноците што се одржаа последните денови споменале влошување на односите со Владата на Косово, таа рече дека САД на секое ниво се јасни дека односите со народот на Косово и Косово се многу важни.
„Мораме да најдеме начини да го зајакнеме партнерството, мора да најдеме начини дебатата на Косово никогаш да не биде ’дали раскинавме со Америка или не?‘, туку како да ги зајакнеме тие односи, бидејќи тоа е само во интерес на Косово“, истакна таа.
Османи рече и дека на форумот во Прага ќе се сретне со американски претставници на кои ќе разговара за сите актуелни предизвици.
Таа не сакаше да коментира зошто во саботата на главниот мост на реката Ибар е забележано зголемено присуство на силите на мисијата на НАТО на Косово (КФОР). Рече дека за ова треба да се праша КФОР.
КФОР не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа за причините за засилување на присуството на мостот, но член на мировната мисија на мостот рече дека тие се таму „за рутински операции“.
Видете и ова: КФОР го зголеми присуството на мостот на ИбарВо меѓувреме, во попладневните часови беше забележано дека Мисијата го намали своето присуството на мостот што ја дели јужна Митровица – населена со Албанци, од северна – населена претежно со Срби.
Косовските власти вчера (30 април) спроведоа акција за затворање на пет паралелни српски институции на северот на земјата, област каде што живеат мнозинството Срби, а за кои рекоа дека функционираат под водство на Србија, „прекршувајќи ја уставноста и законите на Република Косово“.
Затворени се институциите на косовскиот округ Митровица, паралелната општина Митровица, паралелната општина Звечан, паралелната општина Зубин Поток и паралелната општина Лепосавиќ.
Покрај од меѓународната заедница, реагираше и Белград. Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој исто така учествува на форумот во Прага, побара од ЕУ конкретна и недвосмислена реакција за заштита на Србите на Косово.