Српскиот претседател Александар Вучиќ негира дека има блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин и постојано отфрла дека неговата земја-кандидат за членство во ЕУ, е „тројански коњ“ на Москва.
Говорејќи на конференцијата Глобсек во Прага на 31 август, Вучиќ рече дека не се сретнал или разговарал со Путин најмалку во последните две и пол години откако руските трупи ја започнаа инвазијата во Украина во февруари 2022 година.
„Нема ’две страни‘. Ние сме на патот кон ЕУ. Да, ние имаме традиционално многу добри врски – и не го криеме тоа и не се срамам од тоа со Русија. Тоа отсекогаш било случај меѓу Србите и Русите“, рече Вучиќ.
Видете и ова: ЕУ ги критикува наводите за разузнавачка соработка меѓу Белград и МоскваТој посочи дека неодамна имал „одличен“ разговор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која исто така беше во Прага оваа недела, како и дека никој не се согласува со него за ова прашање, но сите во Европа ја разбираат неговата позиција.
Според Вучиќ, Србија ја спроведе својата агенда за раст и реформи „подобро од кој било друг“.
Србија и Турција се единствените земји кандидати за членство во ЕУ кои одбија да воведат санкции кон Русија.
Српските власти, особено актуелниот вицепремиер Александар Вулин, одржуваат блиски врски со Москва и по нејзината инвазија на Украина.
Заедно со неговиот црногорски колега во Прага, претседателот Јаков Милатовиќ, Вучиќ ги повика партнерите од ЕУ да покажат поголема доверба во намерата Србија да се приклучи на блокот.
Тој рече дека процесот на евроинтеграции не зависи од односите на Србија со Русија, туку првенствено од нормализирање на односите со Косово. Косово прогласи независност во 2008 година, а Белград до денес не го признава суверенитетот на својата поранешна покраина.
„Да, ние сме на патот кон ЕУ, а најголемиот проблем за Србија е нашиот однос со Приштина“, рече Вучиќ.
„Не е сето ова за Украина, бидејќи сите овие носители на големи политички одлуки знаат сè. Се работи за ова, и тоа е многу тешко прашање за нас. Сите го знаат тоа“, додаде Вучиќ.
Видете и ова: ЕУ: Затворањето на паралелните српски институции на Косово ја загрозува безбедностаКосово и Србија преговараат за нормализација на односите од 2011 година со посредство на ЕУ.
„Целта е да се воспостави заемна доверба меѓу Србија и ЕУ, а не да се гледа Србија како руски тројански коњ“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател не се согласи со црногорскиот колега Милатовиќ за перспективата на ЕУ.
Милатовиќ на конференцијата настапи со „оптимистичка позиција“, предвидувајќи дека Црна Гора би можела да стане членка на ЕУ до 2029 година, додека Вучиќ рече дека српската интеграција нема да биде можна пред 2030 година.