Опозицискиот СДСМ утре (1 септември) ќе организира собир на наставници пред Министерството за образование и наука (МОН) во центарот на Скопје со барање за повисоки плати.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), пак, се огради од организацијата и учеството на овој протест.
„Под слоганот ’Немате оправдувања, покачете ги платите!‘ ќе побараме да се покачат платите во образованието за 12% и да им се исполнат барањата на наставниците. Овој собир, пред почеток на училишната година е еден аларм, едно предупредување. Тоа е собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на Владата на ДПМНЕ и Весна Јаневска“, изјави пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.
Видете и ова: Со какви предизвици почнува новата учебна година?Таа порача дека за време на владеењето на СДСМ, во 2022 и 2023 платите во образованието биле покачени на два пати за 15 проценти, а претходните три години имало уште три други покачувања од 10 и 5 отсто.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара наставниците да не подлегнуваат на партиски хушкања и притисоци.
СОНК, во кој членуваат над 20 000 просветни раотници се огласи дека неговите членови нема да учествуваат на овој протест и нема да го мешаат синдикатот во политика.
„Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект. Политичките партии имаа и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници, а тие знаат тоа најдобро да го оценат“, вели Неделков кој за барањата на синдикатот зборува и во неделното интервју на Радио Слободна Европа што ќе биде објавено утре, 1 септември.
Од СОНК претходно побараа усогласување на нивните септемвриски плати со Законот за минимална плата, што треба да им донесе околу 12 проценти зголемување. Исто така, очекуваат со новата Влада да го потпишат и колективниот договор кој беше преговаран и усогласен со минатата власт.
Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, пак, досега неколку пати изјавија дека тие се на страна на наставниците, но дека не може да ги покачат патите обвинувајќи ја претходната власт дека го потрошила буџетот.
„Јас ги молам наставниците, во овој момент да постапуваат со онаа пасија како кога се запишале на факултетот кога ја посакале таа професија. Да ја истераме оваа година со таа нивна и желба, да придонесат за знаењето на учениците, за напредок на државата, а она што им следува секако ќе си го добијат во оној момент кога државата ќе може тоа да го направи. Јас како министер грчевито ќе се борам тоа да биде што е можно повеќе“, изјави министерката Јаневска на 22 август.
Новата учебна година ќе почне в понеделник, 2 септември.