Бројот на загинати во вчерашниот руски напад врз украинскиот град Харкив, според украинските власти, се искачи на најмалку седум откако женско тело беше извлечено од зграда што беше погодена од ракетите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќање вечерта на 30 август рече дека на Украина и требаат „силни одлуки“ од нејзините партнери за да го запре теророт што го врши Русија.
Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека голем број луѓе се повредени и ја обвини Русија дека цели на „цивилни објекти, луѓе и деца“.
Видете и ова: Шест загинати и десетици ранети во руски напад на ХаркивЛокалните власти соопштија дека вкупно пет проектили го погодиле Харкив. Најлошо било во 12-катна станбена зграда, каде што, изјави регионалниот гувернер Олех Синјехубов, има многу жртви на кои морале да им бидат ампутирани екстремитети.
Меѓу седумината загинати, пак, е и 14-годишно девојче.
Во своето вечерно обраќање, Зеленски го идентификуваше девојчето како Софија која наесен требало да наполни 15 години.
Тој рече дека нападот немало да се случи доколку украинските одбранбени сили имале способност да гаѓаат воени локации на руска територија.
„Овој напад беше руска воздушна бомба. Удар што немаше да се случи ако нашите одбранбени сили имаа способност да ги уништат руските воени авиони на териториите каде што се наоѓаат. Ни требаат силни решенија од нашите партнери за да го запреме овој терор. Ова е апсолутно потребно. Не постои рационална причина да се ограничи Украина во одбраната“, порача Зеленски на Телеграм.
Проектилите што го погодија Харкив беа испукани од рускиот регион Белгород, кој се наоѓа на север од украинската област на Харкив. Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгородската област, пак, доцна на 30 август изјави дека од украински напад со ракети врз Белгород загинале пет лица, а 37 биле повредени.
„Една жена и четворица мажи починаа на лице место од здобиените рани пред да дојде Брзата помош“, изјави Гладков на Телеграм.
Видете и ова: Зеленски го разреши командантот на воздухопловните силиТој тврди дека меѓу ранетите има и деца, а 10 лица се во тешка состојба.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кој на 30 август во Пентагон се сретна со неговиот украински колега, Рустем Умеров, ги осуди неодамнешните руски напади врз цивилни цели.
„Да бидам јасен: Никогаш не е прифатливо да се гаѓаат цивили, а отпорноста на Украина ќе и помогне да надвладее над агресијата и злосторствата на [рускиот претседател Владимир] Путин“, рече Остин кој покрај Умеров, го пречека и Андриј Јермак, шеф на кабинетот на Зеленски.
Умеров и Јермак, како што информираа од кабинетот на Зеленски, го информирале Остин за ситуацијата на бојното поле.
„Русија оваа недела ја погоди Украина со повеќе од 400 проектили од различен тип и беспилотни летала. Украина треба да ја зајакне воздушната одбрана за да ги заштити луѓето и критичната инфраструктура“, пишуваше во соопштението.