Кремљ не е загрижен за посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Монголија, најавена за 3 септември, и покрај тоа што оваа држава е членка на Меѓународниот кривичен суд (МКС) кој издаде налог за негово апсење, а по кој монголските власти се должни да постапат.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 30 август изјави дека Кремљ „нема грижи“ за претстојното патување, додавајќи дека Русија има „прекрасен дијалог со нашите пријатели од Монголија“.
Патувањето ќе биде прво на Путин во земја која е членка на МКС откако налогот за негово апсење беше издаден во март 2023 година поради сомнителни воени злосторства во Украина.
Видете и ова: Путин ќе ја посети Монголија која е членка на Меѓународниот кривичен судЗемјите-членки на МКС се обврзани да ги приведат осомничените по кои судот има издадено налог за апсење доколку стапнат на нивна територија, но судот нема механизам за директно извршување.
Украинското Министерство за надворешни работи претходно на 30 август соопшти дека се надева оти монголската влада „ќе го сфати фактот дека Владимир Путин е воен злосторник“ и ги повика тамошните власти да се усогласат со меѓународната потерница и да го предадат Путин на МКС.
Портпаролот на МКС, Фади Ел Абдалах, во изјавата цитирана од Асошиејтед Прес на 30 август нагласи дека Монголија е држава-членка и затоа има обврска да соработува со судот.
За извршување на одлуките, вклучително и налозите за апсење, Меѓународниот кривичен суд се потпира на своите држави членки и други партнери, додава Ел Абдалах.
МКС во март 2023 година го обвини Путин дека има лична одговорност за киднапирањата и депортацијата на деца од Украина. Во налогот од судот, исто така, е наведена и комесарката на Москва за правата на децата, Марија Лвова-Белова. Според МКС, со депортацијата на илјадници украински деца извршени се воени злосторства.
Видете и ова: Поради поддршката на воената политика на Кремљ, Руската православна црква под зголемен притисок однадворРусија не е членка на МКС и одбива да ги предаде осомничените. Руските власти ги отфрлија налозите и обвинувањата како „ништовни и неважечки“.
Путин треба да отпатува во Монголија на покана на претседателот Ухнаа Курелсух за да учествува на церемонија по повод 85-годишнината од заедничката победа на советските и монголските војски над Јапонија на реката Калхин Гол, соопшти претходно Кремљ.
Путин ќе има среди и со Курелсух и други високи монголски претставници.