Колективната одговорност може како лош преседан да не втурне во еден лавиринт од кој нема да можеме да излеземе долг период.
Ова во интервју за државната агенција МИА го порачува претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, коментирајќи ги најавите на власта за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители.
Според него, подобро е да има индивидуална одговорност.
„Секогаш без исклучок индивидуалната одговорност доколку се утврди, по каков било основ, корупција, тргување со влијание, злоупотреба на службената положба и овластување, прекршување на законите итн., во рамките на кое било тело, убеден сум дека ќе има подобар ефект за зголемување на принципите на одговорност генерално, позитивно ќе влијае на довербата и правната држава отколку колективната одговорност која може како лош преседан да не втурне во еден лавиринт од кој нема да можеме да излеземе долг период“, вели Костадиновски.
Видете и ова: Гир:Најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители е директно мешање во судската властПретседателот на Уставен во интервјуто посочува дека постојат и уставни и законски механизми за справување со лошата состојба и во правосудството и во која било друга област.
Тој вели и дека не би сакал да се дојде до ситуација во која предлагачот на реформите ќе биде поддржан од граѓаните, а Уставниот суд да биде перципиран како кочничар доколку утврди дека евентуалните новини се уставно проблематични.
„Едноставно е, се надевам дека и владата и законодавецот не само на оваа тема на која било друга ќе се држи до рамките на Уставот и неговите темелни вредности како поделбата на власта во конкретниот случај. Од друга страна нашиот Устав во член 58 ја утврдува стручноста и компетентноста како уставен принцип. Јасно е дека доколку огромен број наши сограѓани увидуваат и поддржуваат промени истите соодветно да се адресираат. Но, колективната одговорност на цели органи во една правна држава е исклучително проблематична“, вели Костадиновски.
Видете и ова: Гир:Најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители е директно мешање во судската властНајавите на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а во која се и Вреди и ЗНАМ, за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители беа критикувани и од меѓународната заедница. Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека тоа би било директно мешање во судската власт.
И покрај критиките, Владата порачува дека не се откажува од идејата сметајќи дека ова ќе претставува реформа на овие институции кои имаат само два проценти доверба во јавноста.
„Разбираме дека од распуштањето на овие институции има многумина исплашени и загрижени, но доаѓа време на промени и шанса за професионалните и способни кадри“, порачаа од Владата на 11 август.