Операцијата на косовската полиција во петокот (30 август) против канцелариите поддржани од Србија во општините на северот на Косово ја загрозува кревката безбедносна ситуација на теренот, смета Европската унија (ЕУ).
Брисел во својата реакција потврдува дека оваа операција не била координирана со меѓународната заедница.
„ЕУ е разочарана од континуираниот недостаток на координација со косовските безбедносни институции и меѓународните партнери“, се вели во реакцијата на Брисел на мрежата Икс.
Видете и ова: Отворена пошта на Косово во Северна МитровицаКосовските власти затворија пет паралелни српски институции на северот на земјата, област каде што живеат мнозинството Срби, а за кои рекоа дека функционираат под водство на Србија, „прекршувајќи ја уставноста и законите на Република Косово“.
Затворени се институциите на косовскиот округ Митровица, паралелната општина Митровица, паралелната општина Звечан, паралелната општина Зубин Поток и паралелната општина Лепосавиќ.
Амбасадата на САД во Приштина, исто така, ја критикуваше ваквата одлука и соопшти дека е „загрижена и разочарана“ од континуираните некоординирани акции на Владата на Косово, кои го одразуваат се поголемото влошување на односите меѓу двете земји.
Европската унија преку својата реакција потсети и дека Косово се обврза на деескалација.
„ЕУ во повеќе наврати го повика Косово да избегнува какви било дејствија што може негативно да влијаат на безбедноста на луѓето. За жал, Владата на Косово ги игнорираше нашите повици“, се наведува во реакцијата на Брисел.
Видете и ова: Шефот на ЦИА ја заврши посетата на КосовоСе подвлекува дека сегашната полициска операција против канцеларии поддржани од Србија може да доведе до натамошна ескалација на и онака нестабилната ситуација.
Во реакцијата се додава и дека се предвидува прашањата со канцелариите поддржани од Србија да се решаваат во рамките на дијалогот што го води ЕУ.
Вчерашната акција на северот на Косово дојде во време кога косовската Влада беше критикувана од меѓународната заедница за „еднострана и некоординирана“ акција, откако минатиот месец затвори неколку филијали на Српската пошта и најави дека има намера да го отвори главниот мост на реката Ибар, кој ја дели Митровица со албанското мнозинство на југ и српското мнозинство на север.
Во Косово постојат општини, јавни претпријатија и претпријатија, детски градинки, основни и средни училишта и јавни универзитети кои се директно финансирани од Владата на Србија, а кои се наоѓаат во градовите и населбите каде живее српската заедница.
Видете и ова: Османи: Прво заедничка проценка за безбедноста, па отворање на мостот на ИбарСпоред законите во Косово, овие институции се нелегални.
Во 2013 година, во рамки на дијалогот за нормализација на односите во Брисел, Косово и Србија постигнаа договор за затворање на паралелните институции, но овој договор сè уште не е целосно имплементиран.
Србија во буџетот за 2024 година ги зголеми средствата предвидени за работа на паралелните институции во Косово, за подобрување на животот на граѓаните, за информирање, но и за поддршка на свештенството и монаштвото во Косово.
Исто така, ја поддржува работата на Универзитетот во Приштина со седиште во северна Митровица и инвестира во еколошки проекти.