Во напад во Ирак, американската армија убила 15 борци на Исламската држава

Американска армија (фотоархива)

Американска армија (фотоархива)

Американската заедно со ирачката армија изврши напад врз т.н. Исламска држава во западен Ирак и уби 15 нејзини борци, објави американската воена команда.

„Оваа група џихадисти беше вооружена со бројни оружја, гранати и појаси со експлозиви. Нема индикации дека има цивилни жртви“, се додава во соопштението што го пренесува агенцијата „Франс прес“ (АФП).

Операцијата била спроведена во четвртокот наутро, а војската за неа објави соопштение во петокот вечерта. Како што наведе американската воена команда, таа ги таргетирала лидерите на џихадистите со цел да ја попречи и поткопа способноста на групата да подготвува, организира и изведува напади врз цивили во Ирак.

Видете и ова: Во Турција уапсени над 100 осомничени членови на „Исламска држава“

Во соопштението се додава и дека Исламската држава, прогласена за терористичка организација од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации, „останува закана за регионот, за американските сојузници и за националната територија на Америка“.

САД имаат околу 2.500 војници во Ирак и речиси 900 во Сирија, како дел од меѓународната коалиција создадена за борба против т.н. исламски држави.

Иако ирачките власти на крајот на 2017 година прогласија победа над Исламската држава, нејзините ќелии продолжуваат спорадично да ги напаѓаат војниците и полицајците, особено во руралните и областите надвор од поголемите градови.

Видете и ова: Исламска држава ја презеде одговорноста за експлозијата во Кабул

Ирак на 15 август објави дека се одложува крајот на мисијата на меѓународната коалиција предводена од Вашингтон на своја територија, оправдувајќи го одложувањето со „најновите случувања“ во регионален контекст.