Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) е подготвенa да предложи и измени на законски решенија за да може да се одземат ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, доколку таа не поднесе оставка на функцијата, изјави денеска претседателот на ЗЕЛС Орце Георгиевски.
„Сите барања од страна на градоначалничката Данела Арсовска во пракса нема ништо да променат и се да и се овозможи од она што го бара не верувам дека Град Скопје ќе има некаков напредок и исчекор. За жал скопјани се заложници во моментов на еден човек кој има проблем со себе и на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себе си и да си го најде проблемот во себе. За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка“, рече Георгиевски.
Коментарите на Георгиевски доаѓааат откако од почетоков на месецот градоначалниците на скопските општини и претставници на ЗЕЛС побараа од Арсовска да понуди план за решавање на низа проблеми во градот, вклучително јавниот превоз и хигиената во градот.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Зелен хуман град против проектот за БРТАрсовска на 22 август на координација со советничките групи го претстави планот за излез од кризата во градот Скопје, поради недоволниот број автобуси, за што граѓаните мораат да чекаат и по повеќе од половина час автобус, а исто така и за хигиената во градот.
Георгиевски денеска рече дека не верува дека „нешто ќе се среди во наредниов период“, а дека според него ќе продолжат проблемите и дека, како што наведе, „единствен излез е Арсовска да си поднесе неотповиклива оставка и да се оди со нови избори за Градот Скопје.“
„Затоа што проблемите и последиците се далекусежни и не се само за јавниот градски превоз, туку и за Водовод и канализација, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, практично во функционалноста на секое јавно градско претпријатие“, рече Георгиевски.
Видете и ова: Арсовска треба да го презентира планот за излез од кризата во градот
Тој додаде и дека доколку се сервисираат 30–те автобуси како што барала Арсовска, повторно нема да бидат доволни за да се покрие дефицитот за летниот распоред на Јавното сообраќајно претпријатие, „а камо ли од 1 септември кога ќе почне школската година.“
Потсети дека сите скопски градоначалници неодамна на состанок излегоа едногласно со заеднички став и апелирале до Владата да се премине кон одземање на ингеренциите на Арсовска, што, како што рече, во моментов е законски неприменливо да се преземе.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински рече дека би поддржал какви било законски измени во кој било закон за да се реши состојбата во Скопје.