Германија на 30 август соопшти дека ја извршила првата депортација на Авганистанци назад во нивната матична земја, откако Талибанците ја презедоа власта во август 2021 година.
Коалициската влада во Берлин е под притисок да заземе поостар став за миграцијата, откако во неколку германски градови беа извршени напади со нож поврзани со таканаречената „Исламска држава“.
Германија престана да ги враќа луѓето во Авганистан поради грижа за човековите права откако Талибанците се вратија на власт.
„Тоа беа авганистански државјани, сите тие се осудени престапници кои немаат право да останат во Германија и против нив се издадени наредби за депортација“, се вели во соопштението на владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Видете и ова: Во Турција уапсени над 100 осомничени членови на „Исламска држава“Германските власти соопштија дека во петокот наутро чартер авион на Катар ервејс полетал од аеродромот Лајпциг/Хале за Кабул со 28 авганистански криминалци кои биле донесени од различни делови на Германија.
Акцијата ја организираше германското сојузно министерство за внатрешни работи.
Германија не одржува дипломатски односи со талибанските власти во Кабул.
Германскиот канцелар Олаф Шолц по смртоносниот напад со нож во Манхајм на крајот на мај изјави дека повторно ќе биде овозможена депортација на најопасните криминалци и осомничени за тероризам во Авганистан и Сирија.
Ова вклучува лица за кои безбедносните власти се сомневаат дека можат да ги извршат најтешките политички мотивирани злосторства, вклучително и терористички напади.
Дебатата повторно ја разгоре минатонеделниот смртоносен напад со нож во западниот германски град Солинген, во кој загинаа три лица. Главниот осомничен е 26-годишен Сириец за кој се верува дека избегнал наредба за депортација.