Тошковски: МВР издавало дозволи за оружје на лица кои не исполнувале услови

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Од почетокот на 2024 година полицијата запленила 104 парчиња оружје, од кои девет автоматски пушки, 39 пиштоли, 35 ловни пушки и друго оружје, изјави министерот за полиција Панче Тошковски. Тој додаде дека во МВР биле издавани дозволи за оружје на голем број лица кои не исполнувале услови.

„Криминал имало, има и ќе има. Прашањето е како безбедносните служби, како МВР ќе одговори на тој криминал. Дали ќе биде соучесник како претходно многу пати или ќе одговори соодветно и ќе даде максимум од себе и за два часа ќе ги уапси сторителите кои што го сториле убиството како примерот кај трговскиот центар Мавровка“, рече Тошковски во интервју за Македоснката радио телевизија (МРТ).

Тој рече дека полицијата е силно посветена за справување со овој проблем, откако деновиве се случија низа мафијашки убиства и престрелки кои ги вознемируваат граѓаните.

Видете и ова: Престрелка во тетовско Гајре, полицијата застрела осомничен за убиство

Само на почетокот на август се случија две престрелки на отворено во Скопје за помалку од 24 часа, една на улица и една на паркинг, во кои имаше еден ранет и еден убиен.

Пред неколку дена, на 24 август едно лице беше застрелано во полициска акција во тетовското село Гајре, откако полицијата се обидела да приведе осомничен за убиство кој бил баран со потерница.

Осомничениот пукал со огнено оружје кон полициските службеници, на што полицијата возвратила и го ранила, а осомничениот починал во болница каде бил однесен со Итна помош, според соопштението на (МВР).

Тошковски рече дека институциите мора да се работат и да се дефинира кој се може да поседува оружје.

„Веќе работиме интензивно во насока на откривање како досега од страна на МВР се издавале дозволи за поседување на оружје. Секој еден граѓанин кој побарал дозвола, посебно ловџиите знаат дека се злоупотребувале овластувањата кои што ги дава законодавецот и интензивно работиме на утврдување како е дозволувано привилегирање на лице за добивање дозволи, да издаваат дозволи на лица кои што согласно закон не би смеело да им се издава“, рече Тошковски.

Видете и ова: Мицкоски: Набљудуваме неколку криминални групи

Тој додаде дека над 5000 луѓе не можеле да се стекнат со дозволи иако ги исполнувале условите, а одреден број на луѓе кои никако не би смееле се стекнале со право на поседување оружје.

„Во иднина ќе утврдиме јасна и прецизна процедура како да се стекнат со оружје исклучиво граѓаните кои ги исполнуваат сите законски услови за тоа“, рече Тошковски.