Израелската армија и палестинската милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка група, договорија тридневна пауза во борбите во Појасот Газа со цел околу 640 илјади деца да бидат вакцинирани, соопшти вчера Светската здравствена организација.
Вакцинацијата треба да започне во недела, рече Рике Пеперкорн висок претставник на СЗО за регионот.
Тој посочи дека вакцинацијата ќе започне во централна Газа, потоа во јужна Газа и во цела Газа. Во секој од регионите каде што ќе се одвива процесот на вакцинација ќе има тридневна пауза во борбите.
СЗО на 23 август потврди дека најмалку едно дете било парализирано поради полио вирусот тип 2, што е прв ваков случај на оваа територија во последните 25 години.
Обединетите нации кон средината на јули објавија дека присуството на овој вирус е потврдено во примероците собрани на 23 јуни.
Тоа е многу заразен вирус кој може да се пренесе со пиење загадена вода или орален контакт. Може да предизвика парализа, а во екстремни случаи може да предизвика и смрт.