Бугарија му одговори на Мицкоски, преговарање за преземени обврски нема

Илустрација

Бугарското Министерство за надворешни работи нагласува дека „без разлика дали е привремена или редовна бугарска влада, дијалогот не вклучува повторно преговарање за веќе преземените обврски од Скопје“. Ова доаѓа како реакција на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за која велат дека со неа уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја.

„На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Овој наш став нема да се смени без разлика дали е техничка или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори, се вели во реакцијата од бугарското МНР.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски смета дека процесот на уставните измени кај нас и преговарачката рамка се главна тема во бугарските медиуми секогаш кога има избори во Бугарија.

Видете и ова: Мицкоски: Бугарија има интерес процесот на преговори за влез во ЕУ да почне за нас

„Второ, секогаш кога во Бугарија ќе дојдат избори се злоупотребува темата Македонија. Не знам сега не сум сигурен за кога им се изборите затоа што до толку се нефункционални што не можат ни избори да закажат, ова им е седма или осма техничка влада, веќе луѓе не можат да најдат за во техничката влада. Така што, прво нека си ги средат дома работите, нека изберат политичка влада и ќе седнеме и ќе зборуваме со политичката влада. Немам намера да одговарам на луѓе коишто ловат политички поени а коишто се политички маргиналци во моментов во Бугарија затоа што се претставници на влада која што нема легитимитет од никого, рече Николоски.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува по изборите во Бугарија на 27 октомври да се формира политичка влада со која ќе може да се разговара и да се најде „заедничко решение со кое конечно ќе се тргне децениската блокада која ја имаме како држава во евроитегративниот процес“, рече Мицкоски.

Прашан дали има други креативни решенија доколку Бугарија не сака да репреговара за уставните измени, Мицкоски рече дека треба да почекаме да се избере политичка влада во Бугарија и да се отвори дијалог со нив.