Француските обвинители се подготвени да го обвинат или да го ослободат Павел Дуров, ко-основач и извршен директор на апликацијата за пораки Телеграм, роден во Русија, чиј притвор од викендов ја вознеми Москва.
Рокот за носење одлука за Дуров истекува бидејќи на 28 август завршува 96-часовниот период за испитување. Не се знае точното време кога ќе биде соопштена одлуката, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.
Дуров, милијардер кој има државјанство на Русија, Франција, Обединетите Арапски Емирати и карипските островски држави Сент Китс и Невис, беше приведен на 24 август на аеродромот Ле Бурже близу до Париз и беше задржан на сослушување.
Француската ОФМИН, канцеларијата задолжена за спречување насилство врз малолетници, наводно, издала налог за апсење на Дуров како дел од прелиминарната истрага за наводни кривични дела, вклучувајќи измама, трговија со дрога, сајбер-малтретирање, организиран криминал и промовирање тероризам.
„Политико“ на 28 август објави дека по обвиненијата во март била распишана потерница и по братот на Дуро, Николај.
Телеграм објави дека Дуров „нема што да крие“ и дека „очекува итно решение на оваа ситуација“.
Москва изрази огорченост поради, како што изгледаше, „директен обид да се ограничи слободата на комуникација“, додека Кремљ рече дека обвинувањата против Дуров се „многу сериозни“ и дека се потребни „подеднакво сериозни докази“ за да се отфрлат сомнежите на многумина дека апсењето на милијардерот било политички мотивирано.
Францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да го ублажи таквото сомневање, велејќи дека апсењето на Дуров е само дел од независна истрага.
Апликацијата Телеграм со седиште во Дубаи има повеќе од 900 милиони корисници ширум светот.
Русија привремено го ограничи пристапот до Телеграм во 2018 година. Одлуката е донесена откако апликацијата за пораки, наводно, одбила на руската безбедносна агенција ФСБ да ѝ ги предаде шифрите од преписките на корисниците, повикувајќи се на тајноста на кореспонденцијата загарантирана со рускиот Устав.
Одлуката за блокирање на апликацијата беше жестоко критикувана од многу руски јавни личности, како и од критичарите на руската влада. Сепак, извештаите од независните руски медиуми покажуваат дека Телеграм постигнал компромис со властите и неколку години споделува некои податоци со безбедносните служби, нешто што Телеграм го демантираше.