Поранешниот главен уредник на „Нова газета“ и добитник на Нобеловата награда за мир, Дмитриј Муратов, го повика Црвениот крст да интервенира за да се олесни состојбата на поранешниот московски пратеник Алексеј Горинов во затвор.
Горинов отслужува седумгодишна затворска казна за која групите за човекови права и неговите поддржувачи велат дека е политички мотивирана.
Горинов (63), поранешен општински пратеник во Москва, беше осуден во јули 2022 година за ширење „лажни вести“ за руската војска поради неговиот став против руската агресија во Украина.
Во ноември 2023 година против него беше покрената нова кривична постапка за „оправдување тероризам“.
Муратов испрати барање до претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Мирјана Шпољариќ-Егер, да помогне за да му се обезбеди медицинска помош на Горинов.
„Последиците од непостапувањето се очигледни. Ве молам госпоѓо Шпољариќ да го олесните пружањето лекарска помош и да интервенирате за да се запре тортурата врз Алексеј Горинов од страна на властите. Повторно ве молам за итна проверка од страна на Црвениот крст на места каде што има меѓународно признати политички затвореници во Русија и Белорусија“, пишува во писмото на Муратов, пренесе „Новаја газета“
„Новаја газета“ пишува и дека на Горинов не му дале ниту душек, ниту ќебе, ниту топла вода, ниту тоалет, а му биле одземени книги, писма и правото на телефонски повици. Се надеведува и дека дека Горинов поради целосната изолација почнал да заборава на зборовите.
„Тој се соочува со втора казна -- во случајот поврзан со разговорите што ги имал со колегите од ќелијата во кои тој наводно го оправдувал тероризмот“, пишува „Новаја газета“, додавајќи дека обвинението се заснова на лажно сведочење на други затвореници.
„Зборот на криминалец против зборот на политички затвореник, секако, е позначаен, Горинов ќе добие дополнителна казна. Тој сигурно нема да доживее крај на казната“, пишува „Новаја газета“.
Горинов беше првиот кој доби затворска казна според написот за ширење „лажни“ информации за руската војска, кој беше додаден во Кривичниот законик на Русија по почетокот на инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година.
Горинов беше опериран за отстранување на дел од едното белодробно крило во 2016 година. Неговата група за поддршка постојано известуваше за неговите здравствени проблеми во затворот.