Специјалниот обвинител Џек Смит на 27 август поднесе ново обвинение против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за напорите да го смени исходот од претседателските избори во 2020 година, пренесе агенцијата Ројтерс.
Изменетиот обвинителен акт ги содржи истите четири кривични пријави како и оригиналното обвинение, но ја зел предвид одлуката на Врховниот суд дека поранешните претседатели имаат широк имунитет од кривично гонење.
Во ова обвинение, како и во првобитното, Трамп е обвинет за заговор за да ја спречи потврдата на изборната победа на актуелниот претседател на САД, Џо Бајден.
Во изменетото обвинение, обвинителите се фокусираа на улогата на Трамп како претседателски кандидат во периодот опфатен со обвиненијата.
На 1 јули, Врховниот суд пресуди дека Трамп не може да биде кривично гонет за дејства кои спаѓаат во уставните овластувања на претседателот.
Изменетото обвинение повеќе не содржи наводи дека Трамп се обидел да изврши притисок врз Министерството за правда во обид да го поништи неговиот изборен пораз. Сепак, остануваат обвинувањата дека Трамп вршел притисок врз тогашниот потпретседател Мајк Пенс да ги отфрли гласовите од клучните држави каде Трамп загуби, додека претседаваше со процесот за потврда на изборните резултати во Конгресот.
„Обвинетиот немал службени обврски поврзани со процесот на потврдување на изборните резултати, но како кандидат лично бил заинтересиран да биде прогласен за победник“, пишува во обвинението.
За време на процесот на потврдување на изборниот резултат на 6 јануари 2021 година, поддржувачите на Трамп упаднаа во Конгресот за да се обидат да го спречат тоа. Овој насстан сè уште е дел од случајот против Трамп.
Трамп рече дека целиот случај треба да биде отфрлен поради пресудата на Врховниот суд.
„Смит го смени истиот случај за да ја заобиколи одлуката на Врховниот суд“, напиша Трамп, кој се изјасни за невин по првичните обвиненија и го отфрли случајот, како и другите случаи против него, како политички мотивирани обиди да се спречи неговото враќање на власт.
Видете и ова: Доналд Трамп нема претседателски имунитет, одлучи судот во САДСудијата на Окружниот суд во Вашингтон се очекува да одлучи во наредните недели кои аспекти од обвинението мора да бидат отфрлени по одлуката на Врховниот суд.
Трамп повторно е републикански претседателски кандидат, овојпат во трка со потпретседателката Камала Харис, која според анкетите има помала предност на национално ниво.
Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември.
Во мај, на судење во Њујорк, Трамп беше прогласен за виновен за фалсификување документи за да ги прикрие парични исплати кон порно ѕвезда. Казната за тој случај треба да биде изречена на 18 септември, иако Трамп побара од судијата да ја одложи за после изборите.