„Сите за правично судење“ ќе им „дише во врат“ на членовите на судски совет

Судски совет

Коалицијата „Сите за правично судење“ ќе анализира како судиите од Судскиот совет им „пресудуваат“ на своите колеги во одлуките за дисциплински постапки. Евалуација на 20 дисциплински постапки, каде е донесена одлука за дисциплинска мерка или разрешување судија ќе биде направена во рамки на проектот „Независност преку отчетност - следење и проверка на судската одговорност во Северна Македонија“, финансиран од Британската амбасада.

„Мнозинството судии, преку 50 проценти, истакнаа недоверба и незадоволство во начинот на кој се спроведуваат ваквите дисциплински постапки, рече Дарко Аврамовски, извршен директор на коалицијата.

Даниел Филер, заменик - амбасадор во Амбасадата на Обединетото Кралство, изјави дека Велика Британија ќе дава понатамошна поддршка на овој клучен сектор поради неговата важност, поради економската стабилност и безбедност на земјата.

„Владеењето на правото продолжува да биде еден од главните столбови за стабилно општество. Транспарентноста и отчетноста во правосудниот систем се многу важни, нагласи Филер.

Видете и ова: Владата не се откажува од идејата за распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители

Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет рече дека се надева дека резултатите ќе помогнат во нносење на законско решение.

„Добро е да се детектираат сите слабости и добро е да се размислува во насока на отворање на тие постапки за јавноста, подвлече Дамева.

Според неа, законската регулатива и не е толку лоша, има пропусти, но, тие ќе се надминуваат преку законски измени, но, оти треба да се смени менталитетот на секој од нас.

Доцентот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Денис Прешова е главниот експерт кој ќе го води истражувањето. Тој рече дека станува збор за еден вид експертска ревизија, ќе се анализира работењето во делот на одговорноста на судиите на Судскиот совет.

Резултатите од анализата за тоа како се дисциплинираат или разрешуваат судии ќе бида објавени следната година.