За САД оживувањето на нуклеарниот договор не е во агендата, Иран повикува на „нови преговори“,

Новиот ирански министер за надворешни работи, Абас Аракчи

Оживувањето на иранскиот нуклеарен договор останува надвор од агендата за администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, соопшти американскиот Стејт департмент на 26 август, додека Техеран повика на „нови преговори“ за ажурирање на договорот.

Новиот ирански министер за надворешни работи, Абас Аракчи, минатата недела рече дека договорот „не може да се оживее во сегашната форма“ поради клаузулите чија важност е истечена и инсистира на тоа дека се потребни нови разговори за „реанимација“ на договорот.

Портпаролот на Стејт департментот за РСЕ изјави дека заедничкиот сеопфатен план за акција, кој е формално познат како нуклеарниот договор од 2015 година, „во моментов не е на маса“.

Соединетите држави еднострано излегоа од договорот во 2018 година за време на мандатот на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

„САД ќе се погрижат на еден или друг начин Иран никогаш да нема нуклеарно оружје, а ние сме подготвени да ги искористиме сите елементи на националната моќ за да го обезбедиме тој исход“, изјави портпаролот за РСЕ.

Видете и ова: САД предупредуваат дека Иран може да го нападне Израел „оваа недела“


Сепак, Вашингтон ја гледа „дипломатијата како најдобар начин за постигнување одржливо, ефективно решение“, додаде тој.

За време на телевизиско интервју, Аракчи истакна дека повторното преговарање за договорот би било предизвик.

„Овој документ дефинитивно треба повторно да се отвори и делови од него треба да се променат. Тоа не е лесна задача затоа што штом повторно ќе отворите документ, повторното составување ќе биде предизвик“, рече тој во телевизиското интервју.

Работите дополнително ги комплицираат и ноемвриските претседателски избори во САД и тековните војни во Украина и Газа.

Аракчи рече дека војната во Украина „длабоко влијаела на тоа како Европејците ја гледаат безбедноста“, додека конфликтот во Газа „целосно ја промени ситуацијата во регионот“.

Министерот, кој беше еден од архитектите на договорот меѓу Иран и шесте големи светски сили, рече дека форматот на разговори од 2021 година за заживување на договорот повеќе не може да функционира.

„Потребни се нови преговори“, додаде Аракчи.

Видете и ова: Иран нема да одговори на притисокот од САД


Договорот ја ограничи иранската нуклеарна програма и го ограничува збогатувањето ураниум на 3,67 проценти. За возврат, Соединетите Држави ги укинаа санкциите што ја задушија иранската економија и енергетскиот сектор.

Но, Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот во 2018 година и повторно воведе санкции. Иран возврати со постепено намалување на своите обврски и моментално збогатува ураниум до 60 проценти.

Аракчи, тогаш заменик-министер за надворешни работи, го предводеше иранскиот преговарачки тим кога Техеран и Вашингтон започнаа индиректни разговори во април 2021 година за враќање на договорот. Преговорите прекинаа кога тогашниот претседател Ебрахим Раиси дојде на власт во Иран и нов тим преговарачи влезе во кавгата.

Но, разговорите беа прекинати во септември 2022 година, како последица на националните протести што со месеци го потресоа Иран. Стотици беа убиени во немирите додека властите ги разбија демонстрациите.

Новиот ирански претседател, Масуд Пезешкијан, кој го наследи Раиси откако загина во хеликоптерска несреќа на почетокот од оваа година, вети дека ќе го ангажира Западот.

Но, крајниот одлучувач во Иран е врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој ги пофали напорите на конзервативците да ја прошират нуклеарната програма на земјата.