Барањето на синдикатите за повисоки плати, повод за политички преписки меѓу Филипче и Мицкоски

Илустрација

Изговорот дека во буџетот нема пари, е приказна за мали деца, тврди лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче одговарајќи на обвинувањата од власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, дека претходната владина коалиција на СДСМ и ДУИ работела недомаќински.

Филипче одговарајќи на новинарско прашање за проблемите на сидникатите изјави дека токму во време на огромни кризи, како ковид-кризата, енергетската криза и кризата што настанала со почетокот на војната во Украина, ги зголемиле платите на работниците.

„Што да мислиме ако не дај Боже повторно стане некоја криза. Што ќе биде со државата ако ВМРО-ДПМНЕ ги води Владата и државата во време на криза, веројатно некој ‘гејм овер’“, изјави Филипче.

Според Филипче, премиерот Христијан Мицкоски ја политизира работата на синдикатите и сака да ги доведе во релација не само со СДСМ, туку и со која било политичка партија, што е навреда за сите работници во државата.

„Премиерот мора да испланира како ќе продолжи да ги зголемува платите на работниците, а не да продолжува со политиките од едно друго време, кога Северна Македонија беше рај на евтина работна сила. Граѓаните и работниците, видоа што значи кога една влада вистински се грижи за нив. Во време на огромни кризи, три последователни кризи, ние најдовме пари и ги зголемивме платите. Можете да замислите што ќе се случеше ако такви кризи сега ѝ се случуваа на оваа влада“, изјави Филипче.

Видете и ова: Со какви предизвици почнува новата учебна година?

Премиерот Мицкоски на 26 август изјави дека со ребалансот на Буџетот се обезбедиле пари за за законското усогласување, но во зависност од динамиката на растот на буџетот за следната година, е подготвен да седне со сите синдикални организации и да разговара како што вели, без политизација.

„Ги консолидираме институциите затоа што сме посветени и сакаме да донесеме надеж и таа надеж се чувствува насекаде. Прв сум меѓу еднаквите во делот на образованието, бидејќи јас сум просветен работник, и јас предавам на Универзитетот, мојата сопруга е професорка во средно училиште. Но, мораме да разбереме дека не смее да дозволиме во синдикалните организации политизација, не смееме да дозволиме политички памфлети. Затоа што секоја изјава на дел од раководствата во синдикалните организации е координирана со денешната опозиција”, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски изјавата на Филипче, дека токму тој ја политизира ситуацијата со синдикатите, ја опиша како продолжување на оние стари политики, „како што беа модуларните болници, злоупотребите во здравство, криминали, тендери, јавни партнерства по трипати поголеми цени од тоа кое што нормално треба да биде“.

Мицкоски додаде дека поголеми плати се потребни, но нив ќе ги има тогаш кога за тоа ќе има основа.

Претходно, министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека сега не гледа можност за покачување на платите на наставниците, иако остави простор за дијалог со Синдикатот за образование и наука (СОНК). Овој нејзин став беше одговор на новинарско прашање за ставот на СОНК дека по закон на наставниците им следува зголемување на платите за 12 проценти.