Енергетска и цивилна инфраструтура мета на руските напади врз Украина

Илустрација, последици од рускиот напад врз Украина на 26 август 2024 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 26 август ги опиша руските напади врз неговата земја во текот на ноќта и рано изутрина како „гнасни“, посочувајќи дека биле спроведени со над сто проектили од различен тип и околу 100 беспилотни летала „Шахед“.

Украинскиот лидер рече дека има загинати и десетици повредени и дека нападот му нанел голема штета на енергетскиот сектор на Украина.

„Како и повеќето претходни руски напади, и овој беше исто толку гнасен, насочен кон критичната цивилна инфраструктура. Повеќето од нашите региони, од Харков и Киев до Одеса и нашите западни региони“, рече Зеленски.

Нападот започна околу полноќ и продолжи до утрото, што се чинеше дека е најголемиот напад на Русија против Украина во последните неколку недели.

Руските сили истрелаа хиперсонични балистички ракети Кинжал во 15 украински региони, изјави во понеделник наутро украинскиот премиер Денис Шмихал.

„Енергетската инфраструктура повторно стана мета на руските терористи. За жал, има штети во голем број региони“, рече Шмихал, додавајќи дека државниот оператор на електричната мрежа во Украина, Укренерго, бил принуден да спроведе итни прекини на струја за да го стабилизира системот.

Видете и ова: Украина е под воздушна тревога поради руските напади врз Киев со беспилотни летала

Тој ги повика сојузниците на Украина да му обезбедат оружје со долг дострел на Киев како и дозвола за користење на тоа оружје кон цели во Русија.

„За да се запре варварското гранатирање на украинските градови, неопходно е да се уништи местото од каде што се лансираат руските ракети“, рече Шмихал.

„Сметаме на поддршката од нашите сојузници и дефинитивно ќе ја натераме Русија да плати“, додаде тој.

Во соопштението на руското Министерство за одбрана се вели дека при нападите користеле „прецизно оружје со долг дострел од воздух и море и ударни беспилотни летала против објектите на критичната енергетска инфраструктура кои ја поддржуваат операцијата на воено-индустрискиот комплекс на Украина“.

„Сите одредени цели беа погодени,“ се вели во соопштението на руското министерството за одбрана.

Експлозии се слушнаа во главниот град Киев.Снабдувањето со електрична енергија и вода во градот е прекинато поради нападот, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

По нападите, локалните власти соопштија дека најмалку три лица загинаа, а тринаесет други беа ранети.