На граничниот премин „Деве Баир“ денеска во 10:30 часот, при влез во Република Северна Македонија, се пријавил Д.Д. (43) од Скопје, потврди Министерството за внатрешни работи (МВР).
Повеќе медиуми известија дека Д.Д., кој се бараше за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ поради упадот во Собранието од 27 април 2017 година, по седумгодишно бегство ѝ се предал на полицијата на граничниот премин „Деве Баир“.
„При редовната пасошка контрола е констатирано дека лицето е евидентирано на стоп листата со мерка „лиши од слобода“ за кривично дело по член 313 од КЗ и за кој од страна на Основен суд Скопје 1 на 18.12.2017 е одредена мерка притвор, по што лицето е лишено од слобода“, соопштија од МВР.
Упадот во Собранието на 27 април 2017, познат како „крвавиот четврток“ беше кулминацијата на двегодишната политичка криза, која заврши на 31 мај 2017 со формирање на влада составена од СДСМ, ДУИ, и Алијансата за Албанците и предводена од тогашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Упадот во Собранието се случи додека тогашното владејачко мнозинство го избираше Талат Џафери од ДУИ за нов претседател на Собранието. Лицата кои упаднаа во Собранието, на повик на иницијативата за „Заедничка Македонија“ и на приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, се обидоа да го спречат изборот на Џафери за претседател на Собранието.
За упадот во Собранието на 27 април 2017 година беа обвинети 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок, но 15 од обвинетите беа амнестирани со Закон за амнестија.