Вкупно 9.921 места за нови студенти се слободни на 23 факултети во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје (УКИМ).
Од нив, 4.761 места се за редовни студенти во државната квота, 4.210 места за редовни студенти кои ќе ги кофинансираат студиите и 950 места се за вонредни студенти.
Пријавувањето во првиот уписен рок е на 29 и 30 август.
Според Конкурсот што УКИМ го објави во јуни, како и во минатите години, најголем број слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1.020), Природно-математичкиот факултет (1.030), Филозофскиот со 895 места, Филолошкиот факултет со 790, Правниот со 705 и Економскиот факултет со 700 слободни места.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Цената на партиципацијата за редовни студенти во државната квота е непроменета и останува 200 евра годишно, а за редовните што ќе ги кофинансираат студиите и за вонредните студенти износот е 400 евра како и во минатите години.
Резултатите од првиот уписен рок на УКИМ ќе бидат објавени на 3 септември, а конечната ранг-листа на 6 септември. На 11 и 12 септември ќе биде запишувањето на примените кандидати.
Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 17 и 18 септември и третиот на 27 септември.
„Св. Климент Охридски“-Битола има вкупно 2.404 слободни места, Државниот универзитет Тетово има вкупно 4.752 слободни места, а штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ располага со 3.983 слободни места за идни студенти.