Новите закони на Талибанците за порок и за доблест, кои вклучуваат забрани за женски гласови и јавна голотија, обезбедуваат „потресна визија“ за иднината на Авганистан, предупреди шефицата на мисијата на Обединетите нации (ОН) во Авганистан, Роза Отунбаева.
Отунбаева рече дека законите ги заоструваат веќе неподносливите ограничувања на правата на жените и девојчињата, при што дури и звукот на женскиот глас надвор од домот очигледно се смета за повреда на јавниот морал.
Авганистанските талибански владетели минатата среда го издадоа првиот пакет закони „за спречување на порокот и промовирање на доблест“, кој вклучува барање од жените да го кријат своето лице, тело и глас кога се надвор од домот.
Законите му дозволуваат на Министерството за пороци и доблест да го регулира однесувањето и да наметнува казни како што се опомени или апсења доколку неговите вработени утврдат дека некој ги прекршил законите.
Мисијата на ОН соопшти дека го проучува новоусвоениот закон и неговите импликации за Авганистанците, како и неговото потенцијално влијание за ОН и за хуманитарната помош.
Отунбаева треба да поднесе извештај до Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Авганистан на 18 септември, точно три години откако Талибанците го забранија образованието на девојчињата по шесто одделение.
Талибанските функционери не можеа да бидат контактирани за коментар, но во изјавата објавена на 25 август од државната телевизија РТА, заменик министерот Мохамед Калед Ханафи рече дека никој нема право да ги крши правата на жените врз основа на несоодветни обичаи.
„Ние сме посветени на обезбедување на сите права на жените засновани на исламскиот закон и секој што има поплака во врска со ова ќе биде сослушан“, додаде тој.
Врховниот водач на Талибанците, Хибатула Ахунџада, минатата година рече дека на жените во Авганистан им е дозволен „удобен и просперитетен“ живот, и покрај декретите со кои им се забранува влез на многу јавни места, забрана за образование и за поголем дел работни места.
ОН претходно соопштија дека официјалното признавање на Талибанците како легитимни владетели на Авганистан е речиси невозможно додека остануваат на сила ограничувањата за жените и девојчињата.
Иако ниту една земја не ја признава талибанската влада, многумина во регионот имаат врски со нив.