Ослободени се 115 украински војници во размена со Русија, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 август, на денот кога Украина одбележува 33 години од нејзината независност.
Одделно, руското Министерство за одбрана соопшти дека примило 115 свои војници во замена за исто толку украински воени затвореници.
Размената на затвореници е со посредство на Обединетите Арапски Емирати.
„Денес се вратија дома уште 115 наши бранители. Тие се воини од Националната гарда, вооружените сили, морнарицата и државната гранична служба“, напиша Зеленски на мрежата Икс (поранешен Твитер).
Видете и ова: Русија и Украина разменија 190 затворенициУкраина претходно соопшти дека руски војници заробени во областа Курск ќе се користат како „разменски фонд“ за ослободување на украински војници од руско заробеништво.
Украина вели дека нејзиниот упад во рускиот пограничен регион Курск на 6 август, кој ја изненади Москва, ги шокираше руските владејачки елити и стави под своја контрола повеќе од 1.260 квадратни километри и 92 населени места, има за цел да воспостави тампон - зона која ќе стави крај на руското постојано гранатирање врз Украина.
Американскиот Институт за проучување на војната процени, врз основа на изјавите на украинските власти, дека повеќе од 2.000 руски војници биле заробени во текот на првата недела од упадот на Украина во Курск.
Киев и Москва разменија заробеници во неколку наврати, во војната што трае две и пол години, по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.