Обвинителството поднесе жалба на пресудата за несреќата кај Ласкарци

Северна Македонија - сообраќајна несреќа кај Ласкарци, 2019 година

Основното јавно обвинителство - Скопје поднесе жалба на пресудата на Кривичниот суд за случајот со автобуската несреќа на автобус на „Дурмо турс“ кај Ласкарци во февруари 2019 година, во која загинаа 16 лица, а 38 беа повредени.

Обвинителството бара повисоки казни за четворица обвинети - Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д и подолго времетраење на казните забрана за вршење професија, дејност или должност.

Според Обвинителството, судот погрешно ги ценел олеснувачките и отежнувачките околности, како и индивидуалната одговорност на обвинетите за несреќата.

„Животите на патниците кои се превезувале не само во предметниот автобус, туку и во другите автобуси и останатите учесници во јавниот сообраќај биле директно загрозени од начинот на кој обвинетите ги извршувале своите законски обврски“, пишува во жалбата, соопшти Обвинителството.

Видете и ова: Роднините на загинатите незадоволни од казната за газдата на Дурмо Турс

Обвинителството потсетува дека во континуитет предметниот автобус бил прогласуван за технички исправен иако воопшто не бил прегледуван, а 16 дена по последниот наводно извршен технички преглед, превозникот „Дурмо турс” вршел јавен превоз на патници со тој автобус без да биде сообраќајно регистриран. Манипулација со брзината на движење и „штелување” на тахометрите, за да не се плаќаат казни не само на конкретниот автобус, туку и на други автобуси, било исто така прифатено како правило.

Несреќата се случи кога автобус на „Дурмо турс“, на релација Скопје-Гостивар, со 51 патник, сите од Гостивар, излета од автопатот Тетово-Скопје и падна во провалија откако ја пробил заштитната ограда на автопатот.

Шестмина осудени за несреќата добија вкупно 39 години затвор. Обвинението беше поднесено уште во јули 2019 година, на само 5 месеци по несреќата, но предметот со години остана заглавен во формални процедури во судот.