Мета блокирала хакери поврзани со Иран, во пресрет на претседателската кампања во САД

Илустрација

Компанијата Мета предупреди дека открила хакерски обид поврзан со Иран при што била користена апликацијата за пораки WhatsApp, во пресрет на претседателската кампања во САД.

Гугл и Мајкрософт претходно открија слични обиди што ги поврзаа со Иран.

„Оваа злонамерна активност потекнува од Иран и се обиде да погоди поединци во Израел, Палестина, Иран, САД и Обединетото Кралство“, соопштија од Мета.

Во соопштението се додава дека „оваа активност се чини дека се фокусирала на политички и дипломатски функционери и други јавни личности, вклучително и некои поврзани со администрациите на претседателот на САД, Џо Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп“.

Видете и ова: ФБИ ги истражува обидите за хакирање на кампањата на Трамп

Претходно, три американски разузнавачки и безбедносни агенции соопштија дека Иран стои зад неодамнешниот хакерски напад насочен кон претседателската кампања на Трамп и го обвинија Техеран дека се обидува да влијае на изборите во 2024 година.

Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември.