Роберт Кенеди се откажа од претседателската трка и го поддржа Трамп

Роберт Кенеди Јуниор, 24 мај 2024 година.

Независниот кандидат Роберт Кенеди Јуниор, член на познатото американско политичко семејство Кенеди, во петокот се откажа од претседателската трка во САД и го поддржа републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

„Веќе не верувам дека имам реален пат до изборна победа“, рече Кенеди, син на убиениот јавен обвинител Роберт Кенеди и внук на убиениот поранешен претседател на САД, Џон Кенеди, на прес-конференција во Аризона.

Неговиот изборен штаб посочи дека стравува дека со останувањето во трката ќе ја намали поддршката за поранешниот претседател Трамп, кој е во тешка трка со кандидатката на демократите, потпретседателката Камала Харис.

Кенеди, наведувајќи ја својата загриженост за слободата на говорот и војната во Украина, најави дека ќе го поддржи Трамп.

Кенеди најави дека ќе го повлече своето име од гласачките ливчиња во 10 сојузни држави кои се клучни за исходот на претседателските избори.

Видете и ова: Балоните паднаа, Конвенцијата заврши, сега почнува тешкиот дел за Харис


Роберт Кенеди, екологист и противник на вакцините, влезе во трката во април 2023 година како предизвикувач на американскиот претседател Џо Бајден за демократската претседателска номинација.

Потоа го промени планот и реши да се кандидира како независен кандидат. Некои анкети минатата година покажаа дека Кенеди има поддршка од Американците и до 20 отсто.

За време на Суперболот, финалето на американскиот фудбал, во февруари 2024 година, тој имаше истакната политичка реклама во која се осврна на својот татко и вујко. Истакнати членови на семејството револтирано реагираа и ја осудија неговата кампања.

Неговата сестра Кери Кенеди во петокот рече дека одлуката да го поддржи Трамп е предавство на вредностите на семејството. „Тоа е тажен крај на една тажна приказна“, напиша таа на социјалните мрежи.

Видете и ова: Бајден: Ние ја донесовме демократијата и сега мора да ја зачуваме

Извесно време, штабовите и на Бајден и на Трамп покажаа знаци на загриженост дека Кенеди може да добие доволно поддршка за да го промени исходот од изборите. Сепак, тој се соочи со тешка битка да се најде на гласачкото ливче како независен кандидат, иако го обезбеди тоа во некои клучни држави.

Бидејќи трката брзо се менуваше во изминатите два месеци - Трамп го преживеа атентатот, а 81-годишниот Бајден се повлече и и го отстапи место на Харис - интересот на гласачите за Кенеди се намали.

Анкетата на Ипсос претходно овој месец покажа дека неговата поддршка на национално ниво опаднала на четири отсто, што иако е мал процент, сепак е доволен за да влијае на исходот на тесната трка.