Германската полиција трага по непознат вооружен маж откако тој уби три лица и рани повеќе во напад со нож на фестивал во западниот град Солинген во петокот, 23 август, околу 21:40 часот, пренесе агенцијата Ројтерс.
Осум лица се повредени, од кои пет потешко, соопшти полицијата рано во саботата.
„Во моментов се сослушуваат жртвите и сведоците. Полицијата со голема екипа во моментов трага по сторителот“, пишува во соопштението.
Нападот се случи на фестивалот по повод 650 годишнината од Солинген во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената германска покраина, која граничи со Холандија.
Германските власти ги откажаа останатите настани за викендот.
Министерот за внатрешни работи на Германија, Херберт Реул, го посети местото на настанот рано во саботата, велејќи им на новинарите дека станува збор за цел напад врз човечки животи, но одби да шпекулира за мотивот.
Портпаролот на полицијата рече дека не можат да дадат никакви детали за сторителот.
Нападот се случи на Фронхоф, плоштад каде свиреа бендови во живо.
Фаталните прободувања и пукања се релативно ретки во Германија. Владата претходно овој месец рече дека сака да ги заостри правилата за ножевите што може да се носат во јавност со намалување на максималната дозволена должина.
Во јуни, 29-годишен полицаец загина откако беше избоден со нож во Манхајм за време на напад на десничарски демонстрации.
Во напад со нож во воз во 2021 година беа повредени неколку лица.