Шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс денеска (23 август) ја заврши дводневната посета на Косово откако во Приштина имаше средби со државниот врв и со шефицата на Косовската разузнавачка агенција.
Денеска, во зградата на Владата на Косово тој се сретна со косовскиот премиер, Албин Курти.
Косовската претседателка Вјоса Османи, пак, објави фотографија со Барнс порачувајќи дека „партнерството со САД е гаранција за безбедност, мир и успех“.
„Задоволство ми беше да го пречекам шефот на американската Централна разузнавачка агенција, амбасадорот Вилијам Барнс“, напиша Османи на својот Фејсбук профил.
Косовскиот премиер Курти оваа недела беше во САД, каде што присуствуваше на Националната конвенција на Демократската партија на покана на Националниот демократски институт (НДИ).
Посетата на директорот на ЦИА на Косово следува по неговите посети на Босна и Херцеговина и на Србија.
Во Сараево, на 20 август, Барнс се сретна со директорката на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина, Алмира Џува, и со членовите на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ, српската членка на Претседателството која е под санкции од САД.
Како што претходно изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) претставник на американската влада, кој сакаше да остане анонимен, причината за посетата на шефот на ЦИА на Сараево, меѓу другото, била вознемирувачката сепаратистичка реторика и постапките на Милорад Додик, прорускиот претседател на Република Српска, и на Владата на овој ентитет во БиХ.
Во Србија никој не ја демантираше ниту ја потврди посетата на Барнс.
Видете и ова: Вучиќ и Додик на средба во Белград ги „анализираа регионалните прашања“Посетата на Барнс на регионот доаѓа во време кога американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, рече дека неговата земја била предизвикана во неколку аспекти од Владата на Косово, предводена од Албин Курти.
САД и другите земји од меѓународната заедница критикуваа некои одлуки и дејствија што неодамна ги презеде владата на Курти, кои беа оценети како „еднострани“ и „некоординирани“.
Барнс е поранешен американски амбасадор во Русија. Тој е централна фигура во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, бидејќи е и член на претседателскиот кабинет на Белата куќа.
Тој беше номиниран од Бајден за директор на ЦИА во јануари 2021 година.