Лaзо Узунчев, дипломиран машински инженер со претходно долгогодишно работно искуство на менаџерски позиции во приватниот сектор е новиот претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Оваа одлука на Надзорниот одбор на АД ЕСМ, доаѓа по препорака на Владата, соопштуваат од владината прес-служба.
„Меѓу целите на новото раководство се оптимизација на трошоците, реализација на развојни проекти со цел АД ЕСМ да стане компетитивна компанија која ќе ги задоволи потребите од електрична енергија за крајните потрошувачи, притоа професионално прилагодувајќи се на условите на пазарот и строгите барања за чиста животна средина“, стои во денешното соопштение од Владата.
Видете и ова: Се сменија закони, се занемари статиката - како енергетика ја презема барокната зграда на ЕСМОттаму наведуваат дека со изборот на новите членови на Управниот одбор, приоритет е енергетска стабилност на државата преку ефикасно управување, финансиска консолидација и зајакнување на капацитетите на компанијата на сите нивоа.
Дел од новиот Управен одбор на компанијата во државна сопственост, се и Реџеп Асани како заменик-генерален директор, како и членовите Ѓорѓи Ѓорѓиевски - директор за правни и општи работи, Зоран Коњановски - директор на производство, Виктор Јовановски - директор за комерцијални работи, Иван Стојановски- директор за финансиски работи и Владимир Пејоски- директор на развој и инвестиции.
Досегашното раководство на ЕСМ беше назначено од претходната владејачка гарнитура на СДСМ и ДУИ.
Генерален директор беше Васко Стефанов, кој на позицијата дојде во април лани откако неговиот претходник, Васко Ковачевски си поднесе оставка. Ковачевски раководеше со оваа државна компанија од 2019 година.