Затвореници држат неколку заложници во затвор во југозападна Русија

Казнена колонија бр.19 во регионот Волгоград (фотоархива).

Група затвореници сместени во затвор во југозападниот руски регион Волгоград зеле како заложници неодреден број затворски персонал, објави денеска (23 август) Федералната казнено-поправна служба на Русија (ФСИН).

Според пишувањата на медиумите, при земањето на заложниците загинале неколку лица, додека дисциплинската комисија била во казнената колонија бр.19 во градот Суровикино, познат како затвор со максимално ниво на безбедност.

Канали на Телеграм кои се поврзуваат со ФСИН објавија видео на кое се гледаат четворица затвореници, кои себеси се нарекуваат „борци на Исламската држава“, како држат ножеви и стојат до три тела во униформи на затворската служба, како и до и уште едно повредено лице во униформа.

Еден од каналите на Телеграм ги идентификуваше затворениците и наведе дека двајца се од Узбекистан, а двајца од Таџикистан. Тројца од нив отслужуваат казна за недозволени наркотици, а еден за сериозно оштетување на туѓото здравје.

Видете и ова: Руската полиција ги ликвидира затворениците и стави крај на заложничката драма

Оваа информација не е официјално потврдена.

Во друга видеоснимка, пак, еден од затворениците вели дека затворските чувари „ги прекршиле правата на муслиманите“.

„Ги убивме оние кои ги понижуваа и мачеа муслиманите. На некои од нас зедоа книги и молитвеници. Така и ние им го направивме истото, без милост“, вели мажот на видеото.

Телеграм каналот База, кој е близок до полициските структури, објави дека управникот на затворот, Андреј Девјатов, бил хоспитализиран по повредите што ги добиле тој и уште четворица заложници (меѓу кои и еден затвореник) додека бегале.

Агенцијата Интерфакс јавува дека три лица се хоспитализирани.

Каналите Лајф и Сапа Кавказ на Телеграм наведуваат дека безбедносните сили стигнале до поправната колонија. Сапа Кавказ пишува дека затворениците бараат два милиони долари и хеликоптер, за што досега нема потврда од официјални лица.

Преку уште едно видео, еден од затворениците киднапери бара од рускиот претседател Владимир Путин да ги исполни нивните барања, додавајќи дека му треба лекар.

Видете и ова: Што се случи во Дагестан и зошто?

Друго видео покажува четворица затвореници како стојат покрај црно знаме со натпис на арапски, извикувајќи „Алаху Акбар“ (Господ е голем), додека еден од нив држи униформиран човек.

Медиумите наведуваат дека недалеку од колонијата е распоредена специјална полиција, а на локацијата дошол и имамот на регионот на Волгоград за да преговара со киднаперите.

Ова е втор пат летово да има заложничка криза во рускиот поправен систем.

Во текот на јуни, неколку затвореници зедоа заложници во затвор во Ростов на Дон. Руските власти тогаш изјавија дека тие биле членови на исламски држави.

За време на кризата беа убиени пет киднапери, додека двајца заложници беа ранети.