Мицкоски: Набљудуваме неколку криминални групи

Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се набљудуваат неколку криминални групи кои оперираат во градовите низ Северна Македонија.

Ова тој го изјави одговарајќи на новинарско прашање во врска со убиството на 59-годишен маж кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје на 20 август, за што беше потврдено дека двете лица осомничени дека се инволвирани во настанот се осуденици кои избегале од затвор.

Овој настан во јавноста го отвори и прашањето за пресметките што се случуваат во Скопје помеѓу криминалните групи од подземјето.

„Не се само тие, набљудуваме уште неколку групи и овде во Скопје и во неколку други градови низ цела држава. Гледаме неколку групи. Овде идентификувавме три групи кои за жал имаат своја логистика и во некој од затворите кои се занимаваат со изнуда, тероризам, рекетирање. Со тежок криминал. Точно ги знаеме кои се и очекувам многу наскоро и за нив занимавањето со криминал да биде неисплатлива професија“, изјави Мицкоски.

Видете и ова: Мафијашки убиства и престрелки ги вознемируваат граѓаните – како да се пресретнат?

За убиството кај „Мавровка“, веднаш по настанот на 20 август беа приведени две лица од кои за едното се утврди дека не е поврзано со случајот. По трето се трагаше, а вчера од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје информираа дека лицето е лишено од слобода и се утврдува дали тоа е инволвирано во убиството.