На повидок е договор за прекин на огнот во Појасот Газа и за ослободување на заложниците, изјави амбасадорката на САД во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, на седницата на Советот за безбедност во рамки на оваа организација.
Таа побара од членовите на Советот да извршат притисок врз палестинската милитантна група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ, да прифати прекин на огнот.
„Овој момент на преговори за прекин на огнот е одлучувачки и за регионот, така што секој член на ова тело треба да продолжи да испраќа силни пораки до другите актери да избегнуваат потези кои би нè оддалечиле од финализирање на договорот“, рече Томас-Гринфилд.
Видете и ова: ОН: Евакуациите ги принудуваат Палестинците да бидат во небезбедни областиТаа истакна дека предлогот објавен минатата недела од страна на САД, Катар и Египет е усогласен со планот што го претстави американскиот претседател Џо Бајден во мај, а во јуни го одобри Советот за безбедност.
„Постои многу реална опасност од регионална ескалација. Треба да направиме сè што е во наша моќ за да го спроведеме договорот за прекин на огнот и да ги ослободиме заложниците“, рече амбасадорката.
Анонимни извори за агенцијата Ројтерс изјавија дека договорот го попречуваат несогласувањата околу идното воено присуство на Израел во Газа и ослободувањето на палестинските затвореници, кои произлегуваат од барањата што Израел ги постави откако Хамас го прифати предлогот на Бајден.
Конфликтот во Газа потресе и други делови од Блискиот Исток каде што израелските сили и членовите на милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, се судираат во пограничните области.
Видете и ова: Либански Хезболах лансираше повеќе од 50 ракети во Голанската висорамнинаИсто така, Иран најави одмазда за убиството на екстремистичкиот водач на Хамас, Исмаил Ханије, што се случи на 31 јули во Техеран, а за кое го обвини Израел. Израелската страна, пак, ниту потврди ниту демантираше дека стои зад убиството.
Конфликтот во Појасот Газа започна кога на почетокот на октомври 2023 година, според израелските податоци, вооружените екстремисти на Хамас убија околу 1.200 Израелци и киднапираа околу 250 заложници.
Израелската армија потоа почна со напади во Газа, уништувајќи голем дел од станбената и друга инфраструктура во оваа енклава.
Според палестинската здравствена управа, која е под контрола на Хамас, досега се убиени најмалку 40.000 луѓе.
Меѓународните хуманитарни организации предупредуваат дека низ Газа се шират и болести и глад, а 2,3 милиони луѓе се протерани од своите домови.