Спасен екипажот од танкерот што го нападнаа Хути во Црвеното Море

Илустративна фотографија.

Илустративна фотографија.

Екипажот на танкер со нафта беше спасен по нападот во Црвеното Море кај Јемен, но погодениот брод сега претставува „опасност за животната средина“, соопшти на 22 август поморската мисија на Европската унија, пренесува АФП.

Неколку проектили на 21 август го погодија бродот со грчко знаме „Сунион“ во близина на јеменскиот град Ходеида, кој е под контрола на бунтовниците, предизвикувајќи пожар и ги запреа неговите мотори, според УКМТО - поморска агенција управувана од британската кралска морнарица.

Никој не ја презеде одговорноста за нападот, но тој се случува кога јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, водат кампања против меѓународните бродски компании за кои велат дека ја поддржуваат Газа за време на војната на Израел со Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка организација.

Мисијата на Европската унија Аспид соопшти дека испратила брод за да го спаси екипажот на бродот, кој превезувал 150.000 тони сурова нафта.

Според грчките пристанишни власти, бродот „Сунион“, во сопственост на грчката бродска компанија „Делта тенкерс“, имал екипаж од 25 лица, од кои 23 Филипинци и двајца Руси.

„Сите оние кои се наоѓаа на MV SOUNION потоа беа спасени и транспортирани до Џибути, најблиското безбедно пристаниште“, соопшти мисијата Aspides на платформата за социјалните медиуми X.

Видете и ова: Грчки танкер нападнат во Црвеното Море

Бродот без екипаж сега е закотвен во Црвеното Море меѓу Еритреја и Јемен, според Заедничкиот поморски информативен центар (JMIC), со кој управува западната поморска коалиција.

Поморските сили на ЕУ, формирани во февруари за да ги заштитат трговските бродови во Црвеното Море од нападите на бунтовниците Хути, предупредија дека бродот „сега претставува опасност за навигацијата и животната средина“.

„Од клучна важност е сите во областа да бидат претпазливи и да се воздржат од какви било дејствија што би можеле да доведат до влошување на моменталната ситуација“, се вели во соопштението.

Според JMIC, бродот бил напуштен и пожарот е локализиран, при што еден член на екипажот се здобил со полесна повреда.

Грчката пристанишна служба соопшти дека бродот испловил од Ирак и се упатил кон пристаништето во близина на Атина, каде се наоѓаат бројни рафинерии.

„Делта танкерс“ соопшти дека „постојат планови за преместување на бродот на побезбедна дестинација каде што може да се изврши целосна проценка, проверки и можни поправки.

Не е прецизирано каде ќе биде однесен бродот.