Беливук и Шариќ обвинети за убиства во Атина

Илустративна фотографија - вежба на Специјалните полициски сили на Србија пред Специјалниот суд за воени злосторства и организиран криминал во Белград. 29 јули 2021 година.

Јавното обвинителство за организиран криминал во Србија поднесе обвинителен акт против 19 обвинети, на чело со Вељко Беливук и Дарко Шариќ, поради сомнение дека организирале и извршиле четири убиства на членови на „шкаљарскиот“ криминалниот клан во Грција во 2020 година.

Станува збор за убиствата на Стеван Стаматовиќ и Игор Дедовиќ во Атина во јануари 2020 година, како и за убиството на Алан Кожар и Дамир Хаџиќ на Крф во јули истата година.

Во истрагата на полицијата на Србија и Црна Гора, четворицата убиени се идентификувани како високи членови на „шкаљарскиот“ криминалниот клан.

„Шкаљарскиот“ и „кавачкиот“ криминален клан кои се по потекло од предградието на Котор во Црна Гора, од 2014 година се во конфликт за дрога, кој се прошири на целиот Балкан.

Видете и ова: Кога Балканскиот картел „им ја вози“ дрогата на јужноамериканските наркобосови

Јавното обвинителство за организиран криминал поднесе обвинителен акт против Вељко Беливук, Дарко Шариќ, Милован Здравковиќ, Ратко Живковиќ, Стефан Андрејиќ, Драган Томиќ, Марко Петковиќ, Владимир Мандиќ, Слободан Вујачиќ и Наташа Дедиќ.

Обвинети беа и Благој Гашиќ, Небојша Јанковиќ, Владимир Војновиќ, Душан Јовановиќ, Раде Стојиќевиќ, Филип Кнежевиќ, Милинко Брашновиќ, Марко Станковиќ и Милош Јевриќ.

Како организатори се посочени обвинетите Вељко Беливук и Дарко Шариќ, како и Радоје Звицер, државјанин на Црна Гора, кој се гони во Грција за овие злосторства.

Судење во отсуство беше предложено за седуммина обвинети: Милош Јевриќ, Милован Здравковиќ, Ратко Живковиќ, Стефан Андрејиќ, Благој Гашиќ, Филип Кнежевиќ и Марко Станковиќ.

За 12 обвинети беше предложено продолжување на притворот.

Обвинението, меѓу другото, е резултат на заеднички истражен тим на правосудните органи на Србија и Грција.

Обвинението е доставено на потврда до Специјалното одделение за организиран криминал на Високиот суд во Белград.