Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 22 август во Белград се сретна со претседателот на ентитетот на БиХ, Република Српска, Милорад Додик.
„Многу добар разговор со претседателот на Република Српска, Милорад Додик. На средбата доминираа економски теми, но направивме заедничка анализа на глобалните и регионалните прашања“, напиша претседателот Вучиќ на својот Инстаграм профил.
На средбата присуствуваше и вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
„Една тема беше борбата против илегалната миграција. Претседателот Додик и јас посветивме посебно внимание на инфраструктурното, патното, железничкото и енергетското поврзување меѓу Србија и Српска“, рече претседателот на Србија.
Видете и ова: Шефот на ЦИА во претседателството на КосовоСредбата доаѓа еден ден откако директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс престојуваше во Белград, откако претходно го посети Сараево.
Ниту еден од официјалните лица во Србија или САД ниту ја потврди ниту ја демантираше посетата на Барнс, ниту пак се знае со кого во Србија разговарал Барнс, а од ЦИА за РСЕ изјавија дека „не го коментираат распоредот на патувањето на директорот“.
Според неофицијални информации на РСЕ, директорот на ЦИА допатувал во Белград по еднодневната посета на Босна и Херцеговина (БиХ) на 20 август.
Во Сараево, Барнс имаше средби со колеги од разузнавачката заедница, членови на Претседателството, како и со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
Видете и ова: Шефот на ЦИА разговарал за сецесионизмот на Додик во СараевоКако што изјави за РСЕ официјален претставник на Владата на САД, кој побара да остане анонимен, причина за посетата на директорот на ЦИА на Сараево, меѓу другото, е и загрижувачката сецесионистичка реторика и постапките на претседателот на ентитетот Република Српска (РС) Милорад Додик и на Владата на РС.
Поранешен дипломат и поранешен амбасадор во Русија, Барнс е централна фигура во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, бидејќи тој е и член на претседателскиот кабинет на Белата куќа.
Бајден го назначи на позицијата директор на американската Централна разузнавачка агенција во јануари 2021 година.