Шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс е снимен како влегува во зградата на Претседателството на Косово.
Неговата посета на Косово доаѓа откако највисокиот американски разузнавач беше во посета на другите земји во регионот.
Претходно, американската амбасада во Приштина не ја потврди посетата на Барнс на Косово. Радио Слободна Европа не доби потврда ниту од Претседателството на Косово, ниту од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Меѓутоа, американскиот воен авион со кој шефот на ЦИА наводно патувал во Босна и Херцеговина и Србија, беше виден денеска напладне (22 август) на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина.
Видете и ова: Ховениер: Отворањето на мостот во Митровица во овој момент може да ги загрози американските војнициЕкипата на Радио Слободна Европа денеска попладне го сними американски воен авион паркиран пред „ВИП“ просторот на аеродромот.
Се верува дека Барнс со овој авион патувал од Сараево до Белград. Во меѓувреме, на 22 август овој авион патуваше од Белград до Бугарија, Северна Македонија и конечно Косово, според веб-страницата за следење летови „Flightradar“.
Брнс на 20 август во Босна и Херцеговина се сретна со колеги од разузнавачкиот сектор, членови на Претседателството на оваа земја и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
Како што изјави за Радио Слободна Европа претставник на американската влада кој сакаше да остане анонимен, причината за посетата на шефот на ЦИА на Сараево, меѓу другото, е и вознемирувачката сепаратистичка реторика и постапките на Милорад Додик - прорускиот претседател на Република Српска и на владата на овој субјект.
Во меѓувреме, тој замина во Белград на 21 август, но таа посета ниту беше потврдена, ниту демантирана од официјални лица во Србија и САД.
Видете и ова: Османи: Прво заедничка проценка за безбедноста, па отворање на мостот на ИбарПосетата на Барнс на регионот доаѓа во време кога американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер рече дека дека неговата земја била предизвикана во неколку аспекти од Владата на Косово, предводена од Албин Курти.
САД и другите земји од меѓународната заедница критикуваа некои одлуки и дејствија што неодамна ги презеде владата на Курти, кои беа оценети како „еднострани“ и „некоординирани“.
Американскиот Стејт департмент побара од владата на Курти да се врати на „конструктивен и близок ангажман“ со Вашингтон, Европската унија и НАТО, додека Вашингтон исто така бара косовските институции да не го отворат повторно мостот на реката Ибар, повикувајќи се на загриженост за безбедноста.
Барнс е поранешен американски амбасадор во Русија. Тој е централна фигура во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, бидејќи е и член на претседателскиот кабинет на Белата куќа.
Тој беше номиниран од претседателот Бајден за директор на ЦИА во јануари 2021 година.