Фрчкоски си поднесе оставка од функцијата амбасадор во ООН

Љубомир Фрчкоски

Од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потврдуваат дека е стигната писмената оставка од Љубомир Фрчкоски, кој ја извршуваше функцијата амбасадор и постојан претставник во Обединетите Нации.

Оставката, како што објавија дел од медиумите, е доставена и до Министерството за надворешни работи.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, одговарјаќи на новинарско прашање дали се започнати консутациите за нов амбасадор во ОН кратко посочи дека се „започнати за повеќе амбасадорски места“.

Неодамна, Фрчкоски беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но како што изјави министерот Тимчо Муцунски, досега не разговарале поради здравствени причини на амбасадорот.

Видете и ова: МНР го повика на консултации македонскиот амбасадор во ОН Фрчкоски

Дел медиуми објавија дека Фрчкоски бил повикан поради злоупотреба на службената картичка за авионски билети и непочитување на насоки кои биле давани од поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Фрчкоски преку писмена реакција одговори дека „таквите обвинувања и конструкција на валканици за финансиското работење заслужуваат секаква осуда и покажуваат неприфатливо ниво на комуникација во јавноста“.

Поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи, на амбасадорската позиција во Њујорк беше назначен во 2022 година.

Указот за неговото назначување го потпиша тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски.