Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се очекува денеска (22 август) на средба со координаторите на советничките групи да го презентира планот за излез од кризата во главниот град. Средбата на координаторите ја закажал претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески.
Очекувањата на првите луѓе на советничките групи се таа да презентира план за состојбата во „Комунална хигиена“ и хигиената во главниот град, но и за Јавното - сообраќајно претпријатие и како да се надмине проблемот со автобусите во Скопје.
Синоќа во телевизиско интервју на прашањето дали денеска е рокот кога ќе ги постави предлозите за надминување на проблемите, Арсовска рече дека е апсурдно да се зборува за рокови, затоа што во државата за три дена ништо не може да се реши. Таа рече дека на средбата со премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот во Владата понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.
Како што рече, првиот план бил за одлуките на Советот, за набавка на еко-автобуси со кои би се решил хаосот во Скопје, поради недостатокот на автобуси и дотраеноста на оние што ги имаме во овој момент. Арсовска рече дека се финансиски консолидирани и тоа можат да го направат и од сопствениот буџет.
„Нашиот буџет тоа може да го издржи. Меѓутоа, никогаш досега тоа не се направило, затоа што на тој начин вие лимитирате што во наредната година или во наредните години ќе треба да се исплаќаат овие автобуси што треба да се набават, ќе треба помал процент на проекти да реализирате за граѓаните“, рече Арсовска.
Видете и ова: Арсовска крои нов план за проблемите во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ бара да го одблокира градот
ВМРО-ДПМНЕ реагираше на интервјуто нарекувајќи го разочарувачко и побара таа да го спаси Скопје и да си даде оставка. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да организира координација со советничките групи во Советот на Град Скопје и да го презентира планот за подобрување на состојбите со хигиената и јавниот превоз во главниот град.
Реагираше и советничката група на СДСМ во Советот на Град посочувајќи дека несериозни се изјавите на градоначалничката Данела Арсовска дека е блокирана од страна на сите 45 советници.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински по средбата со Арсовска рече дека очекувале да слушнат некаков план или реални потреби за кои како Влада и можеле да помогнат, но таа не понудила ништо конструктивно.