Израел уби висок командант на палестинското движење Фатах во Либан на 21 август , обвинувајќи го за организирање напади на Западниот Брег, пренесе агенцијата АФП.
Реагирајќи на убиството на својот командант, Фатах го обвини Израел дека сака да почне „регионална војна“.
Халил Макда е убиен во ракетен напад додека бил во автомобил во град Сидон, на југот од Либан, соопштија Фатах и извор од либанските безбедносни сили, јави АФП.
Израелската армија објави дека воздухопловните сили „го погодиле терористот Калил Хусеин Калил Ал-Макда, во областа Сидон, во јужен Либан“.
Тие соопштуваат дека Ал-Макда е брат на Мунир Макда, кој го предводи либанскиот огранок на вооруженото крило на Фатах, Бригадите на мачениците Ал Акса, обвинувајќи ги двајцата за „насочување терористички напади и шверц на оружје“ на Западниот Брег, окупиран од Израел.
Се наведува дека се поврзани со иранската револуционерна гарда.
АФП пренесува дека овој напад е прв од ваков вид против висок член на Фатах, движењето предводено од палестинскиот претседател, Махмуд Абас, во повеќе од 10 месеци прекугранични судири меѓу Израел и либанското движење Хезболах од почетокот на војната во Газа.
Фатах соопшти дека Макда бил убиен „во кукавички атентат извршен од ционистички (израелски) воени авиони во Сидон“.
Во соопштението се наведува дека Макда имал „централна улога“ во „поддршката на палестинската нација и нејзиниот отпор“ за време на војната во Газа, како и дека со години имал „важна улога во поддршката на ќелиите на отпорот“ на Западниот Брег.
„Убиството на функционер на Фатах е уште еден доказ дека Израел сака да разгори војна од целосен обем во регионот“, изјави Тавфик Тирави, член на Централниот комитет на Фатах, за АФП.
Видете и ова: Либански Хезболах лансираше повеќе од 50 ракети во Голанската висорамнинаЛибански Хезболах и неговите сојузници редовно разменуваат оган со Израел за поддршка на Хамас, прогласен за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, од почетокот на војната во Газа, откако Хамас го нападна Израел, на 7 октомври минатата година.
Во насилствата во Либан, според податоците на АФП, загинале најмалку 600 луѓе, главно борци на Хезболах и најмалку 130 цивили.
На израелска страна, вклучувајќи ја и анектираната Голанска висорамнина, според израелската армија загинале 23 војници и 26 цивили.
Хамас и Фатах беа лути ривали откако борците на Хамас го соборија Фатах од Појасот Газа по смртоносните судири што следеа по убедливата победа на Хамас на изборите во 2006 година.