Украина го ратификуваше основачкиот акт на Меѓународниот кривичен суд

Украинскиот претседател Володомир Зеленски

На 21 август, украинскиот парламент (Врховна Рада) го ратификуваше Римскиот статут, основачкиот акт на Меѓународниот кривичен суд (МКС), пренесе АФП.

Информациите за ратификацијата ја споделија пратениците Јарослав Железњак и Олексеј Хончаренко.

За него, како што наведоа, гласале 281 од вкупно 450 пратеници.

„Парламентот ја усвои ратификацијата на Римскиот статут“, изјави опозицискиот пратеник Јарослав Железниак на Телеграм, пренесе АФП.

Украина го потпиша статутот во јануари 2000 година, но до сега тој не беше ратификуван.

Видете и ова: Русија објави договор за размена на деца со Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 15 август поднесе до парламентот предлог за Закон за ратификација, кој е клучен услов за евентуално пристапување на Украина во Европската Унија.

Според помошникот на украинскиот претседател Ирина Мудра, ратификацијата на Римскиот статут ќе ја зголеми ефикасноста на Меѓународниот кривичен суд „во гонењето на злосторствата извршени од руски државјани на територијата на Украина“.

Меѓународниот кривичен суд гони сериозни злосторства, вклучително и геноцид и злосторства против човештвото.

Русија не е членка на Меѓународниот кривичен суд.

Судот со седиште во Хаг минатиот март издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, комесарка на Москва за правата на децата, поради обвиненија за воени злосторства поврзани со нелегална депортација на украински деца, заедно со нелегално пренесување на луѓе во Русија од Украина, од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Кремљ ги отфрли обвинувањата за присилна депортација.

Земјите-членки на Меѓународниот кривичен суд, вкупно 123, се обврзани да го приведат и пренесат Путин доколку стапне на нивна територија.