Тројца убиени во пукање во училиште во Сански Мост

илустрација

Три лица се убиени, а еден е тешко ранет во просториите на гимназијата во Сански Мост, на северозападот на Босна и Херцеговина.

Напаѓачот пукал со автоматска пушка кон тројца вработени во училиштето, а директорот, секретарот и професорката по англиски јазик се убиени, потврди за Радио Слободна Европа (РСЕ) Аднан Бегановиќ, портпарол на полицијата на Унско-санскиот кантон.

Осомничен за убиствата е 68-годишниот В.М., кој е вработен во гимназијата во Сански Мост.

„Истрагата е во тек, а се уште не се познати мотивите и околностите за овој напад“, рече Бегановиќ, нагласувајќи дека не е исклучено во моментот на нападот во училиштето да имало ученици, со оглед дека се во тек поправни испити.

Како што ни соопштија од полицијата, напаѓачот се обидел да се самоубие, бил тешко повреден и пренесен во Универзитетскиот клинички центар во Бања Лука.

Видете и ова: Србија: „Вахабија е убиен во пресметка со полицијата кај Нови Пазар“

Тројното убиство било пријавено во полиција во Сански Мост нешто по десет часот, а како што беше речено на вонредна прес-конференција засега не можат да се утврдат мотивите за нападот.

Аднан Хабиби, министер за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон рече дека ова е изолиран случај кој заврши трагично и дека е потребно да се работи на институционално ниво за да не се повтори.

„Нема да дозволиме тоа да се случи во иднина. За жал, понекогаш не можеме да предвидиме некои работи, но имаме одговорност да дејствуваме превентивно“, изјави Хабиби.