Талибанците му забранија влез на специјалниот известувач на ОН во Авганистан

Специјалниот известувач за човекови права во Авганистан, Ричард Бенет

Специјалниот известувач за човекови права во Авганистан Ричард Бенет не доби дозвола за влез во земјата, соопшти портпаролот на авганистанската влада Забихула Муџахид.

„Бенет пред неколку месеци беше информиран дека нема овластување да патува во Авганистан“, рекоа дипломатски извори откако авганистанските медиуми ја објавија забраната, повикувајќи се на портпаролот на авганистанската влада.

Според локалните медиуми, Муџахид, изјавил дека на Бенет му е забранет влез во земјата „затоа што е назначен да шири пропаганда“, додавајќи дека тој не е некој на кого Талибанците можат да му веруваат.

Видете и ова: Владата на Талибанците во Авганистан станува главен противник на Пакистан

Од враќањето на власт во август 2021 година, Талибанците систематски ги отфрлаа критиките на ОН и меѓународната заедница за нивната политика, базирана на строго толкување на шеријатскиот закон.

Жените, кои се исклучени од образованието и јавниот живот, се цел на она што ОН го опишуваат како „родов апартхејд“.

Специјалните известувачи, како Бенет, се независни експерти назначени од Советот за човекови права на ОН, со седиште во Женева.