Причината за посетата на директорот на ЦИА Вилијам Барнс на Сараево е да се разговара, меѓу другото, за загрижувачката сецесионистичка реторика и постапки на претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, и владата на РС, изјави за Радио Слободна Европа американски владин претставник кој побара да остане анонимен.
„Остварени се средби со колеги од разузнавачката заедница, членови на Претседателството и министерот за надворешни работи. Тие разговараа за прашања од заеднички интерес, кои вклучуваат територијален интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина“, изјави претставник на американската влада за посетата на директорот на ЦИА на Сараево.
Членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, рече дека му изразил благодарност на Барнс за помошта на САД во градењето на демократска и мултиетничка БиХ и дека „му укажал на опасната антидејтонска политика на раководството на ентитетот на БиХ РС, што ги загрозува мирот и безбедноста во земјата и регионот“.
„Ова е многу важна посета, пред се од безбедносен аспект, но и потврда за силната поддршка на САД за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, напиша Беќировиќ на Фејсбук.
Директорот на Агенцијата за разузнавање и безбедност на БиХ, Алмир Џуво, кој се сретна со Барнс, за РСЕ изјави дека „тоа беше посета која беше договорена претходно и дека Барнс ја изразил својата поддршка за соработката на агенциите, но и на државата на БиХ“.
Радио Слободна Европа од повеќе извори дознава дека на состанокот во Претседателството на БиХ присуствувала и Жељка Цвијановиќ, која се наоѓа на американската листа на санкционирани лица, поради закани за Дејтонскиот мировен договор, интегритетот и суверенитетот на БиХ, како и нејзиниот партиски водач Милорад Додик, претседател на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД).
Видете и ова: Поддржувачите на Додик на собир против резолуцијата за СребреницаШефот на Босна и Херцеговина за дипломатија, Елмедин Конаковиќ за РСЕ изјави дека посетата на „еден од клучните луѓе на американската администрација ја покажува посветеноста на САД, како и дека БиХ е на самиот врв на надворешнополитичките приоритети на САД, што е многу важно за БиХ“.
„На средбата уште еднаш добивме потврда за целосна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ и осуда на сецесионистичките пораки и потези.
„Не можам да коментирам за некои делови бидејќи се затворени за јавноста, но беше испратена универзална порака. Пораките на американската администрација се многу јасни и самото пристигнување, пред се, симболизира и докажува дека нашиот надворешнополитичко партнерство се уште е цврсто со Босна и Херцеговина“, рече Конаковиќ.
Видете и ова: Западен Балкан под ризик од меѓуетничко насилство во 2024, проценуваат американските разузнавачиПоранешен дипломат и поранешен амбасадор во Русија, Барнс е централна фигура во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, бидејќи тој е и член на претседателскиот кабинет на Белата куќа.
Претседателот Бајден го назначи на позицијата директор на американската Централна разузнавачка агенција во јануари 2021 година.
Поранешниот директор на ЦИА Џон Бренан последен пат го посети Сараево во 2016 година.