Украина изврши „голем напад со дронови“ врз Москва

илустрација

Украинските поморски сили нападнаа руски противвоздушен систем С-300 во руската област Ростов рано на 21 август, објави украинскиот Генералштаб, а Русија соопшти дека Москва била подложена на еден од најинтензивните напади со украински беспилотни летала досега.

Извештаите доаѓаат во период кога Русија се бори да одбие двонеделен упад на Украина во нејзиниот регион Курск, кој се граничи со Украина, каде силите на Киев велат дека контролираат повеќе од 1260 квадратни километри и 92 населени места во, како што вели Украина, потег чија цел е воспоставување тампон зона внатре во Русија, која има за цел да ги заштити украинските цивили од прекугранично руско гранатирање.

Украинскиот Генералштаб соопшти дека нападот на ракетниот комплекс С-300 кај населеното место Новошахтинск во Ростовската област го извршиле поморски единици и дека сè уште се проценуваат последиците од нападот.

„Руските напаѓачи користат и ракети С-300 за да ги напаѓаат мирните украински градови, уништувајќи станбени згради и тероризирајќи го цивилното население“, соопшти Генералштабот.

Регионалниот гувернер на Ростов, Василиј Голубев, во посебна изјава изјави дека во областа била соборена украинска ракета, без да даде детали.

Во меѓувреме, московскиот градоначалник Сергеј Собјанин истакна дека украинските беспилотни летала ја гаѓале руската престолнина во еден од најголемите такви напади, додавајќи дека противвоздушната одбрана соборила десет беспилотни летала.

„Системите за противвоздушна одбрана продолжуваат да ги одбиваат нападите на непријателските авиони. Некои од нив беа уништени над Подолск. Ова е еден од најголемите обиди за напад на Москва со беспилотни летала. Сè уште ја следиме ситуацијата“, напиша градоначалникот Сергеј Собјанин на Телеграм.

Според првите информации нема повредени ниту евидентирана штета, додаде Собјанин.

Во последните неколку месеци, Украина постојано напаѓа со по еден или два дрона кон Москва, секој пат без значителна штета, пишува Ројтерс.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украинска помош за цивилите кои се соочуваат со недостиг на храна во Курск

Сепак, се чини дека овој последен напад е поголем од оној во мај минатата година, кога над главниот град беа уништени најмалку осум дронови, што го поттикна рускиот претседател Владимир Путин да рече дека Киев се обидува да ја испровоцира и исплаши Русија.

Руските власти ретко даваат целосни детали за нападите, главно известувајќи само за уништени беспилотни летала од нивните единици за воздушна одбрана.

И Русија и Украина ретко го откриваат целосниот обем на штетата што се јавува како резултат на меѓусебните напади, освен во случаите кога е оштетена станбена или цивилна инфраструктура или кога е убиен цивил, потсетува Ројтерс.

Споменатиот напад на Москва е дел од поширокиот напад со беспилотни летала од Украина, забележаа руските власти, имајќи предвид дека системот за противвоздушна одбрана запре 18 беспилотни летала над областа Брјанск во југозападна Русија и уште неколку над други области. Но, и таму не е забележана штета.

Видете и ова: Украина соборила руски крстосувачки ракети над Киев

Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди овие извештаи, а Украина сè уште не ги коментираше.

Во последните месеци Киев ги засили воздушните напади на руска територија и истакнува дека тоа го прави со цел да ја уништи клучната инфраструктура потребна за воени операции. Тие наведуваат и дека нивните напади се одговор на континуираните руски напади на украинска територија.